Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 март.

Денеска е Св. маченици Хрисант и Дарија.

Хрисант потекнуваше од угледен род. Татко му беше римски сенатор во третиот век. Додека се школуваше во Рим на Хрисант му дојде в раце Евангелието и, откако го прочита, се увери во возвишеноста на Христовата личност и поверува во неговата божественост. Кога дозна за тоа, татко му на секаков начин го одвлекуваше од Бога.

Најпосле договори со една убава и паметна девојка паганка да му стане жена, надевајќи се дека така Хрисант ќе се врати на празните идоли. Наместо тоа, оваа девојка и самата поверува во Христа. Дури тогаш Хрисант и Дарија стапија во брак, но целиот живот сепак му го предадоа на Бога, прифаќајќи ги новообратените христијани и многумина придобивајќи за верата. Поради тоа беа неколкупати ставани на маки, а најпосле и живи закопани во 284 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Хуго.

Тој бил бискуп во Гренобл, Франција. Изградил три болници, каде што биле сместени сиромашните и болните луѓе. Материјално и духовно ги поддржувал монасите во тоа време, посебно монасите картузијанци кои одиграле голема улога во средниот век. Свети Хуго умрел во 1132 година. Две години по неговата смрт, папата Иноцент Втори го прогласил за светец.