Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 23 април.

Денеска е Св. великомаченик Георгиј – Ѓурѓовден.

Свети Георгиј беше родум од Кападокија. Со Христос се запозна во својот дом. Кога татко му пострада за Христа и прими маченички венец, тој и мајка му се преселија во Палестина. Момчето порасна и стапи во војската на 20-годишна возраст дојде до чинот трибунал. Како таков му служеше на императорот Диоклецијан. Кога Диоклецијан почна да ги гони христијаните, младиот трибунал самиот објави дека е христијанин. Почнаа разни тешки измачувања, но великомаченикот истраја во сите нив, а благодетта Божја му помагаше и го исцелуваше.

Неговото мачеништво, т.е. сведоштво наведе многумина да поверуваат во Христа. Во 303 година му ја отсекле главата. Овој голем маченик Бог го награди со дар на чудотворство со кој, тој до денес им помага на сите што го повикуваат во своите молитви.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР: Денеска е Св. Доминик Савио.

Бил роден во 1842 година во Торино, во Италија. Во 1854 година се сретнал со свети Иван Боско кој бил негов учител. Свети Доминик Савио бил многу чесен и напредувал во светоста. Умрел во 1857 година на петнаесет годишна возраст.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР: Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19 часот и 44 минути, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 27 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.