Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 19 април.

Денеска е Воскресение Христово (Велигден).

Велигден, или празникот на Христовото воскресение е дефинитивно најголемиот христијански празник. Страдалната седмица заврши со новиот ден денот на воскресението. Ние сме свикнале да ја делиме неделата на седум дена. Но, денес се установува тајната на осмиот ден, т.е. идниот ден, кој треба да дојде за никогаш да не заврши како што завршува секој ден на ова наше време. Христовото станување од мртвите е потврда на сите негови зборови, на сите негови ветувања. Подоцна апостол Павле ќе зборува: Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно. И навистина е така, бидејќи Христос не ветуваше привремена поправка на нашите животни услови, како што ветува на пример некој политичар или економист и кој ги проучил космичките закони па вешто се раководи според нив, туку ветуваше една сосема нова реалност, како креатор кој е моќен и способен да ја создаде таа реалност, поинаку кажано, како господар над животот и смртта. Утрото на третиот ден од Христовата смрт до неговиот гроб дојдоа прво жените мироносици и ја најдоа тргната плочата што го затвораше гробот. Внатре во гробот сретнаа еден пресветол ангел кој им ја кажа веста за Христовото воскресение. Оваа вест оттогаш секоја година ја објавува Црквата низ целиот свет, како најрадосна вест за целиот човечки род.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Атаназиј.

Бил роден во Египет, во 295 година. Во 328 година го наследил бискупот Александар. Свети Атаназиј често бил прогонуван од својата бискупија и храбро се борел против ариевците. Напишал многу записи во кои ја објаснувал и бранел верата. Умрел во 373 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје, времето за ифтар (кога завршува постот), денеска е во 19:40 часот, додека времето за суфур (кога почнува постот) е во 3 часот и 35 минути. Времето за ифтарот и суфурот во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес две минути порано, Штип три минути, во Кочани четири минути, во Струмица и Валандово пет минути, а во Делчево шест минути порано. За разлика од времето за ифтарот и суфурот во Скопје, во Ресен и Битола ифтарот и суфурот почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево две минути, а во Охрид, Дебар и Струга пет минути подоцна.