Д-р Горан КАЛОЃЕРА
Сегашната македонска влада има тенденција да зборува за иднината и да го запоставува минатото.
Јас лично не гледам ништо добро за македонската иднина во догледно време. Соседите на Македонија негираат се, од национален идентитет, јазикот, минатото, историските личности, така што има ситуација на збунетост во која актуелната власт поданички се однесува кон Бугарите, Грците и Албанците.
Не треба да си човек со докторат или познат Македонец за да го разбереш тоа, а јас го сметам за патетично и понижувачки за македонскиот народ. Историјата треба да се учи, бидејќи во неа лежи силата на македонскиот народ. Не за џабе старите Латини велеа дека „историјата е учител на животот“.
Но, актуелната власт нема поим за тоа и не ја интересира, поради што го заслужува мојот презир. Треба да се слават и величат Партениј Зографски, тој „клучар на националната ризница“, Димитар Миладинов, водачот на македонската преродба, Европеецот Григор Прличев, да се слави Јордан Хаџи Константинов Џинот, еден од најголемите жртви на турските прогони, треба да се споменате Марко Цепенков, одличен собирач на народни творби, Константин Миладинов, култен лик на македонската преродба, треба да се издигне на пиедестал Рајко Жинзифов, еден од највпечатливите даскали, да се слават браќата Петковиќ, затоа што, иако во служба на царска Русија, дадоа голем придонес за националната преродба во Македонија, треба да се слави Кузмна Шапкарев, плоден фолклорист и учебник и борец за воведување на народните јазици во тогашните училишта, треба да биде величан стариот војвода Пулески, претставник на изразената македонска ориентација во конгломератот на македонските талкања по прашањето на националната определба, потоа Димитар Македонски, Венијамин Мачуковски, Ѓорѓија Динков Динката, Натанаил Кучевишки, Трајко Китанчев, Ефтим Спространов, Спиро Гулавчев, Георги Капчев, Гоце Делчев, Крсте Петков Мисирков.
Овие луѓе со своето дејствување ги поставија темелите на современата македонска нација, тие се непобитен доказ дека Македонците биле присутни, дека се бореле за себе и за своите идеи, дека пишувале, објавувале… дека биле свесни за себе. И сега треба да гледаме во иднината која е тотално неизвесна и да го занемариме историското наследство кое е неспорен доказ за секогаш постоечкиот македонски народ. Ок, треба да гледаш во иднината и да работиш на неа, но да се запоставиш себеси во корист на другите е јалова работа.