Лидерот на АНЕЛ, Панос Каменос, инаку помалиот коалициски партнер на премиерот Ципрас, денес крена нова политичка бура во Грција откако на прес конференција рече дека преспанскиот договор за името нема да се ратификува во парламентот ако тој не помине на референдум. Доколку, пак, се оди на ратификација во тој случај тоа да биде со 180 гласа (дво третинско мнозинство) во парламентот.
Во моментов Ципрас може да смета на 152 сигурни гласови, но како поминуваат деновите, така преспанскиот договор ги мрси сметките речиси во сите политички партии, па никој не може да знае што ќе се случува во наредните неколку недели.
Каменос денес ненадејно одржа прес-конференција откако вчера имаше молк за вонредната седница на владиниот кабинет, за која се уште нема никакви информации. Лидерот на АНЕЛ, кој исто така е соочен со внатрешнопратиски проблеми заради договорот од Преспа, додаде дека „презема лична одговорност оти договорот нема да биде санкциониран од граѓаните доколку тој помине во парламентот со 180 гласа“.
„Кога зборувам дека народот треба да биде прашан мислам на референдум или на нови избори“, појасни Каменос.
Тој, исто така, кажа дека „нацрт-договорот нема тежина и обврска се додека не се ратификува во парламентот“. „Сите други услови од договорот се услови за Скопје кои мора да ги исполни“, рече тој.
Според Каменос, дури и „ратификацијата на Скопје не е валидна затоа што го нема потписот од претседателот“, повикувајќи се на враќањето на договорот од претседателот Ѓорге Иванов по гласањето во Собранието.
-Не може да има обврска од земјата се додека не се спроведе референдум во Скопје-додаде министерот.
Каменос, инаку, кажа дека вчера на бил на состанокот на владиниот кабинет затоа што веќе имал претходно закажан друг состанок поврзан со Самитот на НАТО наредниот месец во Брисел.