Да ги предупредам нашите пријатели од Европа, преку нивните ополномоштени претставници во Македонија дека повторно е активирана реката мигранти, која непречено минуваше пред неколку години и беше успешно стопирана, пишува во својот пост на „Фејсбук“ Александар Пандов, аналитичар и поранешен пратеник.

– Моето место на живеење е непосредно до железничката пруга која оди од Велес за Скопје, а да потсетам мигрантите истата ја користат како сигурен патоказ. Од тука сакам да ве информирам дека секоја вечер во период од 24 часот до 5 часот наутро, непречено минуваат во помали или поголеми групи, голем број мигранти, предупредува Пандов.

Тој натаму прашува дали корупцијата е причината за порозноста на македонската граница?

– Воедно да ги потсетам нашите ЕУ-партнери дека министерот Оливер Спасовски, полицијата ја користи во тепање и фрлање на солзавци врз стари лица и деца, а минатиов викенд полицијата со автомати шеташе по скопските ноќни клубови и дискотеки. Верувам дека во период кога владите на најмоќните држави во Европа се тресат на прашањето мигранти, важно е да бидат информирани како Заев и Спасовски се однесуваат по тоа прашање, пишува Пандов.

На крајот додава: За да не биде објавава „фејк њуз“, поканувам некој истражувачки расположен новинар (Македонец или странец сеедно) да застане една ноќ до посочената пруга и самиот да се увери.