Повторното гласање на законот за ратификација на Договорот за спорот за името во Собранието најавено за в четврток, е следниот клучен чекор за негова примена. Гласањето следи по неодамнешната одлука на претседателот Ѓорге Иванов, да не го потпише Указот за прогласување на законот.

По првото гласање во Собранието на 20 минатиот месец  кога „за“ ратификација на Договорот гласаа 69 пратеници, а 40 „против“ и непотпишувањето, доколку тој повторно биде изгласан, се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.

Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторија дека договорот е капитулантски, порачаа дека со неговото објавување во Службен весник без потпис од претседателот Иванов, најсрамно ќе се прекршат законот и Уставот и оти за тоа следат затворски казни.

– Доколку Костовски како Директор на Службениот весник на Република Македонија и Талат Џафери како Претседател на Собранието на Република Македонија го сторат ова кривично дело и ги објават законите без потпис од Претседателот Иванов, не само што ќе бидат оспорени пред Уставниот суд, тие и ќе се соочат со затворска казна од најмалку 11 години по човек, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Противењата за договорот продолжија и во Грција, каде од партијата коалициски партнер во грчката Влада Независни Грци најавија дека доколку дојде и кога ќе дојде решението со Македонија за ратификација во грчкиот Парламент, „ќе ја дадат последната битка за да пропадне Договорот“.

Воедно со инцидент заврши синоќешниот протест пред грчкиот Парламент во Атина. Изминатиот период протести се одржаа и пред македонскиот Парламент каде членови на здруженија на граѓани се спротивставија на потпишаниот договор од Преспа на 17 минатиот месец и дадоа поддршка на претседателот Иванов да не го потпише Указот.

Во исто време со најавата за одржување на собраниската седница в четврток за гласање за договорот премиерот Зоран Заев  во одговор на прашање од пратениците порача дека „конечно сме држава признаена од целиот свет, на која и е признат македонскиот јазик и идентитет“.

– Македонија после 27 години ќе има јасна шанса да одлучи за каква иднина се залага и каква иднина посакува за своите деца. Македонија ќе ја има, нема да ја снема секако ако граѓаните застанат и го поддржат реферндумското прашање. Конечно сме држава признаена од целиот свет. Конечно ни е признат македонскиот јазик и идентитет и повеќе дилеми нема, рече Заев, оценувајќи дека опозицијата шири антагонизам и праша зошто 11 години не успеале да ја внесат Македонија во НАТО и ЕУ.

„Македонско – граѓани на Република Северна Македонија“, така, како што рече Заев, ќе биде напишано државјанството во личните документи согласно Договорот со Грција, ако се промени Уставот и ако тоа го дозволат граѓаните на референдум.