Што поскоро да се затворат термоелектраните на јаглен во регионот, а граѓаните да учествуваат во одлучувањето е фокусот на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“ која ќе се одржи втора година по ред.
Целта на кампањата која почнува од 20 декември, е да се подигне свеста на граѓаните во регионот за причините и последиците од аерозагадувањето, можните начини за подобрување на квалитетот на воздухот, и борбата за поздрава животна средина преку регионална солидарност.
„Обединет Балкан за чист воздух“ е имплементиран од Европскиот фонд за Балканот, поддржан од бројни организации: Еко Форум од Зеница, Институт за територијално управување со животната средина од Тирана, Сбункер и Балкан Грин Фондација од Приштина, Air Care од Скопје, ОЗОН од Подгорица, Регулаторниот институт за обновливи извори и животна средина и Отворено училиште во Белград.
-Оваа година, кампањата ќе се фокусира, меѓу другото, на последиците од загадувањето предизвикано од електраните на јаглен, како и загадувањето кое потекнува од тешката индустрија. Учесниците во информативната кампања се залагаат за брзо затворање на електраните на јаглен и итно усогласување на загадувањето од тешката индустрија со соодветната регулаторна рамка. Бараме и граѓаните да бидат вклучени во носење одлуки за еколошки дозволи и други документи во врска со производните погони, наведуваат од Европскиот фонд за Балканот.
Согорувањето на јаглен, како што се посочува, е најголемиот поединечен извор на загадување на воздухот во Западен Балкан, при што главна улога играат термоелектраните. Само термоелектрана „Угљевиќ“ испушта повеќе сулфур диоксид (107.402 тони во 2020 година) од вкупните дозволени емисии на сите постројки опфатени со националните планови за намалување на емисиите (103.682 тони). Оттука, се додава, само оваа електрана ги надминува сите годишни вредности собрани заедно.
Увозот во ЕУ на електрична енергија произведена од Западен Балкан изнесува 0,3 отсто од електричната потрошувачка на ЕУ, но емисиите на сулфур диоксид од ова производство претставуваат 50 отсто од сите емисии на термоелектраните на ЕУ.
Јагленот освен во индустријата се троши и во домаќинствата и во топланите; па според уечсниците во кампшањата, престанокот на употребата на ова фосилно гориво ќе го елиминира главниот извор на загадување на воздухот во Западен Балкан.
-Загубата на бруто домашниот производ поради загадениот воздух на Западен Балкан само во 2016 година изнесува 8,5 милијарди евра. Наместо да се градат и реновираат термоелектрани, средствата од буџетот би можеле да се насочат за социјални програми и преквалификација на работниците, како и изградба на соларни централи на местото на рудниците за јаглен кои би ги замениле капацитетите за производство на електрична енергија. На тој начин, трансформацијата на индустријата би можела да биде најзелена на континентот, посочуваат од Европскиот фонд за Балканот.
Преку борба заснована на солидарност, порачуваат од овој фонд, граѓаните на Западен Балкан можат да работат заедно за да постигнат почисти технологии и поздрава иднина.