Македонија е најромантичниот, но и најтрагичниот дел од нашата историја, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов.

Тој повтори дека темата Македонија била од стратешки интерес во Бугарија.

-Бидејќи, како што велеше претседателот Петар Стојанов, ова е најромантичниот, но и најтрагичниот – би додал, дел од нашата историја. Не можеме да се согласиме со она што се случува во Македонија и никакви избори не се причината, вели Каракачанов во интервју за националната ТВ БНТ.

Каракачанов додава дека договорите се потпишуваат за да бидат исполнети.

-За жал, во Македонија мислеа дека потпишуваат договор, кој можеби нема да го исполнат. Таму и до денес, и покрај сите перипетии на времето, и покрај теророт што беше наметнат по 44-та година во Титова Југославија, сè уште има многу луѓе кои се нарекуваат Бугари. Имаме морална и историска должност кон овие луѓе, коментира Каракачанов.

Според него Владата на Заев најмногу барала компромис.

-Но, кога правиш компромис со политичарите во Македонија, тие тоа го доживуваат не како гест на благородништво, туку како слабост и незаинтересираност, вели Каракачанов.