Вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, го продолжува „походот со својот полк“ кон спомениците во Република Македонија.

Каракачанов во својата последна изјава вели дека македонските медиуми ги вметнале во негативен контекст неговите зборови за испраќање на полк во Македонија, но рече дека бугарските војници кога ќе дојдат „да бидат пречекани како во 1912, 1918 и 1941 година“.

Според бугарскиот вицепремиер, бугарска воена единица не било закана туку понуда за помош. Според него, тоа не е закана туку предлог за помош како сојузници во НАТО.

– По повод доста превртеното толкување на македонските медиуми, нека објаснат дека тоа што реков е: „Ако има потреба можам да испратам инженериски полк да им помогне побрзо да ги тргне тие споменици на кои пишува за „бугарскиот окупатор“, рече Каракачанов.

Сега Каракачанов додаде дека се надева на топол пречек на полкот.

– Се надевам ќе бидат пречекани како бугарските полкови во 1912, 1918 и 1941 година – со цвеќе, леб, сол и духовна музика, порачува бугарскиот вицепремиер.