Поранешниот вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов е „загрижен за правата на Бугарите во земјава и односите меѓу Бугарија во Македонија“, по победата на ВМРО-ДМПНЕ на локалните избори.

Тој, како што пренесува порталот Република, смета дека владата на Зоран Заев пропушти да го реши прашањето и сега влезот на земјава во ЕУ станува многу покомпликуван.

Каракачанов во пост на својот фејсбук профил оценува дека „правата на етничките Бугари во Македонија одговараат на нивото на Титова Југославија“.

– Се разбира, не можеме, а да не бидеме загрижени за победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите. Тоа се оние кои зборуваа за потребата од раскинување на договорот, за обновувањето на натписите на спомениците кои ја карактеризираат нашата земја како фашистички окупатор и кои повикаа на општа дипломатска офанзива на ЕУ против Бугарија, смета Каракачанов.

Тој оценува дека владата на Заев пропушти да го реши прашањето и сега влезот на земјава во ЕУ станува многу покомпликуван.

– Можеше да биде многу поедноставно доколку Заев и неговата влада се трудеа да ги исполнат условите предвидени во Договорот за добрососедство, пишува Каракачанов.

Реалноста, додава тој, е дека преговорите никогаш не започнале, бидејќи односите меѓу двете земји се замрзнати.

Тој во постот ги коментира резултатите од локалните избори во земјава, по кои премиерот Заев поднесе оставка.

– Резултатите од локалните избори во Македонија покажаа дека и нашите браќа таму гласаат тврдоглаво, без јасна перспектива, како во Бугарија. Ова не е чудно со оглед на неспорниот факт дека сме еден народ. Сепак, таквото гласање е едноставно протест, а не решение на проблемите. Напротив, дури и ги продлабочува, пишува Каракачанов.