Македонската машка карате репрезентација освои злато во борби на Европската Универзијада во полскиот град Лоѓ, откако тимот составен од Петар Заборски, Петар Спасеновски, Давид Петков, Глигор Петков и Димитар Илиевски во финалето ја совлада Украина со 3-1.

Паралелно со успехот во екипна конкуренција, со златно одличје се закити Давид Петков во поединечна конкуренција, додека Ангела Мојсовска освои бронза.

– Постигнавме голем резултат, за првпат на една европска Универзијада македонските каратисти во екипна конкуренција се на највисокиот пиедистал. Задоволството е огромно во целиот тим. Екипниот медал, секако, е најтежок за освојување и затоа сите сме многу среќни, изјави селекторот на универзитетската репрезентација на Македонија, Бошко Заборски.

-Успехот е поголем бидејќи Давид Петков успеа и во поединечна конкуренција во тежинската категорија-67 кг. да освои златен медал и заедно со бронзата на Ангела Мојсовска во категоријата – 68 кг нè направија многу горди, додаде селекторот Заборски.