Еден од најголемите познавачи на Новиот завет во светот, Барт Ерман, но истовремено и голем скептик околу историската веродостојност на нивната содржина, смета дека самиот факт што четирите евангелија кои се застапени во Библијата, се анонимни, е доволен да ја наруши нивната веродстојност. „Имињата на Матеј, Марко, Лука и Јован како автори на евангелијата се додадени подоцна“, истакнува Ерман.

И навистина, дали може да се смета дека евангелијата се напишани од двајцата апостоли меѓу првите 12-мина, како Јован и Матеј и од двајца следбеници на Петар и Павле како Марко и Лука, што на текстовите им дава голем степен на вердостојност (Јован и Матеј се очевидци, а Марко и Лука пренесуваат тоа што го виделе или доживеале очевидци како Петар и Павле) или се анонимни текстови без голем степен на веродостојност на кои подоцна им се додадени имињата на овие четири исклучителни личности?

Во врска со овие дилеми, Крег Блумберг, автор на десетина книги за Новиот завет и еден од најистакнатите автори во САД по прашањето на биографиите на Исус, истакнува:

„Важно е да се знае дека Евангелијата се анонимни. Но, едногласно сведоштво на раната црква е дека Матеј, попознат и како Леви, даночник, и еден од 12 учениници на Исус, е автор на првото Евангелие во Новиот завет; Јован Марко, пријател на Петар, е автор на Евангелието по Марко, и дека Лука, познат и како „љубезниот лекар“ на Павле е автор на третото Евангелие и на „Делата апостолски“. Нема познати конкуренти, односно нема други имиња како можни автори на евангелијата.“

Се разбира, тука е и прашањето за тоа дали некој можеби некој имал мотив нивните имиња да ги наведе како автори на евангелијата, иако тие не се тоа? Блумберг одговара:

„Веројатно не. Имајте предвид дека тоа и не се сосема погодни личности некој да измисли дека се автори на евангелијата. Марко и Лука не се ни меѓу 12-темина апостоли. Матеј е меѓу нив, но како бивш даночник, тој е најмалку сакан од сите останати, односно тој е најнеславната личност после Јуда кој го предал Исус. Поставете го ова наспроти апокрифните (лажните) евангелија кои се напишани многу подоцна. Тие што ги напишле тие т.н. евангелија, им ги дале имињата на Филип, Петар, Марија, Јаков. Тие имиња носеле поголема тежина од имињата на Марко, Лука и Матеј. Значи кога некој сакал на измислени евангелија да им даде имиња, тогаш тоа го правел со имиња кои се побитни од имињата на овие тројца. Јован, во целата оваа приказна претставува некаков исклучок. Тој е истакнат, еден е од 12-темина, но тоа е единствено евангелие кај кое постои некое прашање за авторството. При тоа, не е спорно дека името на авторот е Јован, но прашање е дали е тоа апостолот или некој друг Јован. Сведоштвото на христијанскиот писател Папиј, кое е датирано на околу 125 година, зборува за апостол Јован и за старешина Јован, а од контекстот не е јасно дали мисли на иста личност која има две гледишта или за двајца различни луѓе. Но, надвор од ова, сите други рани сведоштва велат дека апостол Јован, синот Заведеев, го напишал четвртото Евангелие. Ако внимателно се чита, може да се забележи дека дека завршните стихови ги напишал некој уредник (Барт Ерман тврди дека многумина научници сметаат и дека приказната за жената фатена во неверство која е дел од ова Евангелие, не била содржана во оригиналот, туку е додадена подоцна, исто така од некој уредник). Но во секој случај, ова Евангелие очигледно е засновано на материјали на очвидец“, смета Блумберг.

Што се однесува до останатите докази дека Матеј, Марко, Лука и Јован се навистина автори на четирите библиски евангелија, Блумберг го наведува сведоштвото на Папиј од околу 125 година во кое се изнесува дека Марко „прецизно и внимателно го запишал тоа што Петар го сведочел како очевидец“. Всушност, рекол дека Марко немал ниту една една грешка и не уфрлал „било какави лажни изјави“. Истиот Папиј за Матеј рекол дека „добро ги зачувал Исусовите учења“.

„Потоа Иринеј, пишувајќи околу 180 година го потврдил традиционалното авторство. Тој запишал дека Матеј објавил сопствено Евангелие за Евреите на нивен јазик, додека Петар и Павле го проповедале Евангелието во Рим и таму основале црква. По нивното заминување, Марко, ученик на Петар, писмено ни ја остави суштината на Петровото учење. Лука, следбеник на апостол Павле, составил Евангелие врз основа на зборовите на неговиот учител. Потоа Јован го напишал своето Евангелие додека живеел во Ефес. Значи тоа е Иринеј од околу 180 година“, истакнал Блумберг.

Инаку, во науката се смета дека прво евангелие е тоа по Марко, а дека тие на Матеј и Лука се напишани подоцна и дека и во двете, како извор често користено Евангелието по Марко. Прашањето само се наметнува, а тоа е зошто Матеј кој бил еден од 12-те и сведок, би го користел како извор Марко, кој не бил очевидец на настаните. Блумберг за ова вели:

„Тоа има смисла само ако Марко навистина го заснова своето Евангелие на сеќавањата на Петар. Петар му припаѓал на потесниот круг луѓе на Исус и можел да види и да чуе нешта кои другите ученици не можеле. Оттука, би имало смисла дека Матеј, иако очевидец, се потпира и на верзијата на настаните на Петар изнесени преку Марко“, заклучил Блумберг во својот осврт на тоа дали библиските Евангелија, со оглед на тоа што се анонимно напишани, навистина можат да им се припишат на Марко, Матеј Лука и Јован.