Дарко Јаневски
Додека јавноста цел недела се занимаваше со командант Хоџа и со тоа како можел тој да биде именуван за некаков советник на Заев (иако не е јасно зошто тој да не може да биде советник, кога Талат Џафери е заменик на врховниот командант на вооружените сили на РМ и екс министер за одбрана), на другата страна се случуваше нешто што ја покажува целата дегенерираност на Македонија како правна или поточно кажано како неправна држава. Во еден од случаите што ги води СЈО, мислам беше оној за изборни нерегулараности, беше побарано изземање на Катица Јанева. Барањето, нормално е одбиено, но за него одлучувал некаков си судски совет кој не го дозволил. И сега ако барате во било кој закон на РМ, таква процедура не можете да најдете. Процедура за изземање обвинители постои, но за таквото барање секогаш одлучува повисокиот јавен обвинител. Судија или судски совет, по ниту еден основ не можат да учествуваат во тоа.
Другиот проблем е што во законот врз основа на кој е инсталирано СЈО, не е предвидено вакво нешто затоа што не е предвиден повисок јавен обвинител во однос на Јанева. Така, за барањето за нејзино изземање всушност нема кој да одлучува, па евентуално мора да се импровизира како што адвокатите на обвинетите бараа за тоа да одлучува, на пример, Советот на обвинители. Тоа би било некакво решение, но факт е дека такво нешто не е предвидено никаде.
Следниот проблем е што ако, на пример, барањето за изземање помине, макар и со импровизација, па одлуката ја донесе Советот на обвинители? Имено, според Законот за СЈО, Јанева е единствен обвинител во СЈО кој може да постапува по обвинителните акти, а останатите обвинители тоа можат да го прават само врз основа на нејзино овластување. Ако таа биде изземена, тогаш, никој нема право да продолжи да го застапува предметот пред судот, уште помалку тоа може да биде обвинител од СЈО овластен од нејзе, бидејќи нема правна логика во тоа обвинителот кој е изземен, да овласти кој друг обвинител ќе постапува наместо него.
Така доаѓаме до ситуација кога со само еден потег на одбраната во Титаник, се покажа сета атрофија на системот што ја донесе законот за СЈО. Со него всушност е суспендиран Законот за кривична постапка за оние кои ги гони СЈО, од кого сега Јанева и судот земаат само што им одговара, а на штета на обвинетите, како да се во маркет каде од рафтот го земате само тоа што го сакате. Така, обвинети од редовното обвинителство, на пример за кражба на чоколадо, имаат право да бараат изземање на обвинителот и за тоа да добијат решение од повисокиот обвинител со право на жалба, а други, оние кои ги гони СЈО, такво право немаат. А во кривичната постапка, сите, а пред се обвинетите, мора да бидат еднакви, со највисок степен на заштита на нивните права, што во овој случај апсолутно не е така.
Тоа покажува дека правниот систем во РМ сега има и системски дегенерации. Ако порано велевме дека законите ни се добри, но не се применуваат, сега имаме ситуација каде не само што не се применуваат, туку и не се добри, дури и на хартија. Се разбира, ваквите забелешки нема да ги најдете ниту во извештаите на Хан, ниту во моронските платенички новинарски написи, ниту пак за нив ќе чуете дека реагира т.н. стручна јавност. За партиите, од двете страни и да не зборуваме. Но, оваа катастрофа која не е инцидентна, и ја отвора вратата на Македонија кон пропаста. И немојте да очекувате дека ова ќе се исправи. Напротив, ќе продолжи вака, се додека краставиците од оранжериите на Заев не ни застанат во грло. Тоа што тие на себе ќе имаат некаква западна налепница, не е гаранција дека нема да ве удават. Напротив, можеби тоа е и целта.