Силното невреме предизвика штети на историски градби во северниот италијански град Кремона, вклучувајќи ја средновековната катедрала и кулата на градското собрание, објави ДПА.

Покривот на катедралата во Кремона е оштетен, а покривот на кулата на градското собрание се урна, објави денеска државната телевизија РАИ.

Катедралата во градот со 71.000 жители е една од најкарактеристичните средновековни црковни градби во регионот Ломбардија. Други делови од регионот синоќа се погодени и од силни ветрови и град. Покривите, прозорците и инфраструктурата се оштетени, а дрвјата се искорнати.

Според медиумските извештаи, град со големина на тениски топчиња беше пријавен во областа околу градот Бреша. Противпожарната служба соопшти дека до синоќа во Ломбардија се регистрирани повеќе од 300 повици, при што се мобилизирани повеќе од 160 пожарникари.

Најсериозните проблеми беа во областа Кремона, каде што оштетените покриви мораа да се обезбедат, а паднатите или нестабилните дрвја мораа да се отстранат. Засилувања се испратени од други провинции, соопшти ДПА.