Американската амбасадорка Јури Ким им порача на албанските политичари дека е „доста со игри“ и оти изборната реформа и реформата во правосудството се неопходни за да може Албанија да влезе во големото европско семејство.
– Ние сакаме Албанија да биде силен сојузник на САД и сакаме вие да бидете дел од европското семејство. Изборните реформи и реформата во правосудството се неопходни. Доста е со игри. Време е да се реализира изборната и правосудната реформа. Како што лидерите ветуваа пред албанскиот народ, исто така албанскиот народ го очекува тоа од нив, рече амбасадорката Ким.
Претходно, во објава на Твитер таа напиша дека посакува „да нема таен договор меѓу страните за саботажа на реформата во правосудството“.
– Се надевам дека гласините дека постои заткулисен договор за убиство на реформите во правосудството во Албанија не се вистинити. Реформата е болна, бавна и не е совршена, но неопходна е, таа напредува и мора да продолжи, напиша Ким.
Нејзината изјава денеска не сакаше да ја коментира шефот на државата Илир Мета, велејќи дека е повеќе од сигурен дека амбасадорката не го посочува него во изјавата.
Премиерот Еди Рама изјавата ја коментираше преку Твитер, каде наведува дека ја поддржува загриженоста на амбасадорката за реформите.
Со цитатот на Вилијам Шекспир „Пеколот е празен и сите ѓаволи се тука“, Рама рече дека тој се согласува со амбасадорката Ким за реформата, „која е болна и бавна, но многу важна“.
Донесувањето на споменатите реформи се дел од 15-те услови за почеток на преговорите со ЕУ.