Тоа е решението што ни го понуди министерот Филипче како алтернатива на нерешливиот проблем со загадувањето, плус да не излегуваме надвор кога ќе биде загадено (а загадено е секој ден). Убаво вака што не посоветува што да правиме ама некако пропушти да ни објасни како сето тоа да го реализираме, односно не обајсни како тоа замислува да не излегуваме надвор….што тоа подразбира? Да не одиме на работа? Децата да не ги носиме во градинка и на училиште и сите по дома да чекаме денови кога ќе биде воздухот почист или?!
Претпоставувам во насока на неговата препорака се движела и одлуката да поскапи лебот за едно 20%, како стимулативна мерка за граѓаните да јадат повеќе зеленчук и овошје наместо леб, ем нема да се дебелеат ем успешно ќе се справуваат со последиците од загадувањето.
Работава кисела зелка, и тоа не само со препораките за загадувањето туку и во целиот негов ресор. Нормално дека ќе не советуваат да јадеме повеќе овошје и зеленчук кога од ден на ден здравствениот систем сé повеќе еродира. Ме чуди како до сега не нé упатиле кај баба Рада по чаеви со оглед на тоа што половина од лековите недостигаат, па така може кај нејзе од опусот билки да најдеме нешто што ќе ни ја олесни маката што ја имаме. Е сега не сум баш сигурна дека има некоја билка што лечи тетанус ама Боже мој па од нешто мора да се умре, па макар и од тетанус во 21 век. Работава кој чека ќе дочека, а кој не ќе умре од чекање и тоа во буквална смисла на зборот.
И додека пациентите чекаат да се набават лекови, да се најде локација за изградба на нов Клинички центар којшто две години се мислат кај да го почнат небаре мислиш ќе градат нуклеарна централа, Филипче и екипата се сконцентрирани на слкучување на јавни приватни партнерства со приватни клиники. Веројатно до толку немаат верба во самите себе што полесно им се чинело детската кардиохирургија да ја дивертираат кај Жан Митрев отколку да створат поиделани услови за тимот да не биде „уморен“ од лошата организација на работата. Па јас мислам дека само во Севернава поддржана од Жан Митрев, министер може да изјави дека дел од тимот за детска кардиохирургија за чие усовршување беа потрошени грдни пари со носење на експерти од надвор, треба да се пресели во приватна клиника пази молим те заради лоша организација на работите.
„Сега условите во кои се одвиваат овие кардиохируршки операции се мачни и за лекарите и за дечињата. Дијагностиката се прави во приватни болници, лекувањето на Клиниката за детски болести, а операцијата и интензивната нега на Детска хирургија. И тимот е уморен од ваква организација на работите, а тоа сега на клиниките не може да го обезбедиме додека се изгради новиот Клинички центар. Условите за работа ги има во приватната болница, каде има и експертиза. Ова е еден начин да ги задржиме нашите лекари овде, бидејќи секој сака да напредува“, рече Филипче.
Чудна работа, јас па цело време си мислам дека работа на министерството е да ја организира работата во клиниките за да не се малтретираат ни пациентите ни лекарите, и дека тие се тие што треба да им обезбедат подобри услови на лекарите за да ги задржат тука, па и да им ја покачат платата на 100.000 денари како што им ветија, очигледно сум била во голема заблуда.
Со оглед на сето ова, единствено што може да ми текне е да му препорачам на министерот додека се мисли кај да го изгради Клиничкиот центар да склучи договор со некоја пиљара па да можеме да земаме овошје и зеленчук на рецепт затоа што испоцркавме.
Мартина Антиќ