Нема, нема, па ќе одлепи некоја солена… Ова би бил најкусиот опис на ликот и делото на македонскиот надобуден премиер. Да, уште кога сите овие глупоштини не би биле испреплетени со силна, ненадоместлива штета за државата и нацијата, можеби и навистина би било смешно. Вака, секој негов трагикомичен Заевизам, колку и да е смешен и идиотски, останува „недосмеан“, замотан со силна доза на гнев поради останатите му дејанија кои неуморно ги твори паралелно со прокламацијата на најновата едиција црни му бисери. Таксират, да не може ни човек да се изнасмее во државава…

Нацијата трепнеше и очекуваше, а тој „машки“ се држеше и нов бисер не даваше. Небаре, идолот од ридот пак силно го искарал ЗЗ за трескањето кое смешен го прави и на сериозната задача за промена на име и нација не му доликува.

Сепак, бадијала заушките идолски. Зокиевиот потиснат творечки немир не издржа и како гром од ведро небо (во конкретниот случај утрински гром, благодарение му на умешноста лингвистичка) тој повторно проблесна.

И така, творечки насобраното во него по цели осум дена од последниот му црн јазичен блесок, токму во моментот кога дел од сеирџиите почнаа да паѓаат во депресија, лапсуслингвистичкиот премиер ги награди со свој нов специјалитет. Загрижените фацички на сеирџиите и шарените му идолопоклоници се озарија кога ЗЗ, фатен без ливчиња в рака, повторно го извади најдоброто од себе, докажувајќи им на сите за кого се работи.

Да, по цели десет дена од Заевизмот со „амандманирање“ на Уставот, нов термин со кој правниците и лингвистите ги остави со очи широко отворени, Зоки си плесна ново бисерче. Оти го притискало, неизреченото го печело, арно ама наместо во тишина да го закопа, тој во градот на Шопов си рече дека на 27 април се случиле „ГРОМОЗОРНИ настани“?!

Што мислеше со кажаното да каже писателот Зоки? Скова ли нов „громозорен“ неологизам премиерот вљубен во сопствени јазични кованици?

Можеби, дебатата за Уставот во истиот тој град под Исарот беше јалова, наместена и фингирана до бескрај со Фрчковци и компанија, но сепак, Зоки ја извади работата и продуктивна ја направи. Што значи ГРОМОЗОРНОСТА за авторот на неологизмот? Мислеше ли дека настанот од 27 април кој го направи премиер беше „гром во зори“?! Па ГРОМО-ЗОРЕН, нели, иако беше навечер де, голема работа за Зоки.

Како и да е, за новосмислената идиотштина тој го погоди и местото, сите „дотични“ беа на едно место збрани. Армијата послушници, квазиправници, антиопштествени работници и останата шаренолика багра, останаа подзинати од промуќурноста и инвентивноста на лидерот им непрокопсан, нејсе што тој од незнаење само си плесна уште една глупоштина, чин кој толку добро му прилега и работа за која единствено и го бива. Од друга страна, не се тие виновни што Зоки застанал на „Зоки Поки“ во книжевната му наобразба.

Арно ама, не било лапсус-лингва, драги мои. Зоки само четири дена подоцна, в петок во „Александар Палас“  ја кажа истата реченица и во неа повторно беа „ГРОМОЗОРНИТЕ настани“. Можеби, толку и му сече. Да, муртинецот навистина мисли дека се громозорни, не грозоморни. Аман бе, советници преплатени, десетици на број, кажете му бре на лидерот. Нас не срами, иако вие во комуњарската матрица срам не поимате. За жал, кијаметот е што и тие не знаат, сите знаеме кои му се советници…

Така, додека тој со нова громозорна „фора“ си ги ничкоса северопоклониците, останатиот дел од Македонците се прашуваше за колку истиот ја продал својата земја. И додека тие дома на топло ги чекаа најавените „бомби“ за Заев од некоја пријателска земја, малку појужно, Мицотакис објави дека Ципрас преку Преспанскиот договор се пазарел со ЕУ и САД за пензиите на Грците. Арно, што Андонис со туѓо име, историја и нација се пазарел за џебот на сопствените граѓаните, проблемот е што на север нашите се пазареле за сопствениот им џеб…

И во сета таа папазјанија, преплавена со заевизми, пазари и признанија, Грците и Бугарите успејаа да го „прокужат“ и сфатат Заев. Нешто, што дел од нашиве северотописки билмези никако не можат, оти чекаат пари и награда, па не им се догледува и сфаќа, нели.

И додека на јужните ни соседи им текна дека Зоки постојано тропа непримерни изјави само за да и се додовори на домашната му јавност, дел од источњаците искомплексирани од присуството на татарска крв во себе, му влегоа на ЗЗ постудиозно и подлабински.

Така, ултра-антимакеоднецот Ангел Џамбаски си изјави: “Заев е класичен бугарски политичар, тој лаже, врти – сучи. Со нас е Бугарин, со Грците – Грк, со Србите – Србин, а всушност е обичен сеач на магла.“ Ви текнува, дека недостига со Македонците -Македонец? Оти и не е!

Кажаното, кое фантастично го објасни ликот и делото на Зоки, ги смрачи за момент лицата на северопоклониците му во Владата, но не ги спречи три минути потоа ентузијастички да продолжат со Комисијата за историја, во која според најавите нашите билмези успеале да го продадат и да признаат (во најава од бугарски историчар) дека Глигор Прличев бил Бугарин?

Добро срочено од Џамбаски, но бадијала, како и се’ друго, оти во меѓувреме, нашиот муртински џамбаз или провинциски продавач на магла е при крај со извршувањето на својата „громозорна“ задача. Еден месец не дели од промена на името на државата, а не гледам ништо што би го спречило „громозорието“ на Зоки. Остана, само да се крстиме во Грците дека тие ќе го одбијат фантастичниот за нив договор.

Чудесна и поделена земја, во која мозочно немиените Македонци се крстат во Мицотакис и Каменос, а лукративните суруши Северомакедонци во Зоки и Рада.

Вистинска Северотопија!