Со вчерашното повторно гласање во Собранието за ратификација на Договорот со Грција, сé поблиску сме до следната етапа од зацртаниот план на Заев, а тоа е референдумот кој е главна тема која не преокупира од 17 јуни и потпишувањто на фамозниот Договор за промена на името. Размислувањата кај народот се поделени, од тие што ќе гласаат ЗА овој договор на евентуалниот референдум, слепо верувајќи на приказната за зачуваниот идентитет, јазик и брз влез во НАТО и ЕУ, тие што ќе гласаат ПРОТИВ револтирани од штетниот Договор со кој се самоукинуваме како нација и оние кои повикуваат на БОЈКОТ затоа што никој од нас нема право да одлучува за името на нашата татковина за која се бореле и се жртвувале нашите предци.

Сите три групи имаат свои аргументи по однос на референдумот, но останува прашањето дали референдум воопшто ќе има. Особено што во Договорот за „другата страна“ не е е изричито утврдено дека народот мора да се изјасни на референдум, туку е оставана отворена можност на Владата да го спроведе или не.

Особено е интересен фактот дека пред некој ден Премиерот најави распишување на референдум на 17 јули, а при тоа ние сé уште немаме формирана Државна Изборна Комисија. Како да го подзаборави фактот дека за да се формира ДИК потребно е најпрвин да се постигне договор со ВМРО ДПМНЕ околу нејзиниот состав. Па така како ќе распише Собранието референдум ако нема ДИК??

Исто така нејасно е дали и доколку се формира ДИК за каков референдум ќе станува збор, дали тоа ќе биде консултативен или обврзувачки. Интересни се барањата на некои од експертите за намалување на цензусот како би се спречила волјата на мнозинството граѓани доколку бојкотот на истиот успее, но не е јасно како планираат да го изведат намалувањето на цензусот за кои се потребни законски измени и тоа со двотретинско мнозинство. Освен ако не се дрзнат да го заобиколат цензусот со изјава дека ќе ја почитуваат волјата на мнозинството кои излегле да гласаат, а воопшто не е за изненадување дека тоа ќе го направат ако го земеме во предвид начинот на кој избраа претседатаел на Собрание и како го изгласаа Законот за јазици.

Исто така има дилеми и околу референдумското прашање, дали тоа ќе биде афирмативно или негаторско. Интересно е дека продолжува традицијата сите вести поврзани со името, договорот па еве сега и за референдумот да ги дознаваме од интервјуа на Премиерот на грчки медиуми. Па така од вчерашното интервју на грчката телевизија ЕРТ1, во кое одбива  да не нарече Македонија најавува дека „Народот убеден сум дека ќе биде „ЗА“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“.

Од сите нејаснотии кое го следат процесот на промена на името на нашата држава едно е јасно дека Премиерот и Владата немаат намера да отстапат од Агендата за која и беа инсталирани на власт.

М-р Мартина Антиќ