Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга, каде се сретна со директорот д-р Јетмир Зиба и со здравствените работници.
– Болницата е регионален центар за нефрологија и урологија и е препознатлива по дијализата на пациенти со потешка здравствена состојба — токму оние на кои им е потребна најсложена грижа. Само во 2025 година се направени: 16.681 хемодијализа; 738 крвни пристапи (АВ фистули) за пациентите на дијализа; речиси 16.000 прегледи во нефролошката и над 7.300 во уролошката амбуланта; 1.381 хоспитализиран пациент на Нефролошкото одделение. Постепено се осовременува со нови машини за дијализа, а набавена е и нова анестезиолошка опрема, објави Клековски на својот фејсбук профил.
Болницата од пред 40 години, посочува министерот, нуди здравствен туризам, од неодамна пријавена на Букинг дијализа.
– Најмногу ме израдуваа зборовите на пациентите — од нив слушнав само пофалби за здравствениот персонал. За пациент што на дијализа доаѓа неколку пати неделно, со години, односот на сестрите и лекарите е дел од самата терапија. Предизвикот пред болницата е генерациска смена — голем број медицински сестри заминуваат во пензија оваа и следните години. Нивното знаење и искуство не смее да замине заедно со нив. Затоа навремената замена и пренесувањето на искуството на помладите колеги мора да се планираат уште сега, објави Клековски и им се заблагодарува на д-р Зиба и на целиот тим за гостопримството и за посветеноста кон пациентите.




