Министерот за здравство Сашо Клековски денеска истакна дека има отпор на Клиниката за онкологија и на некои од клиничките болници, каде што треба да се децентрализира терапијата, меѓутоа работат со раководство во овие установи тоа бргу да биде решено.
На презентирањето на реализираните активности и стратешките приоритети во изминатите три месеци Клековски се осврна на повеќе суштински проблеми и рече дека таму каде што треба многу повеќе да се направи се радиологијата, онкологијата, клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и реобмислување на концептот за долгорочна нега.
Одговарајќи на новинарско прашање за долгонајавуваната децентрализација на онколошката терапија, тој рече дека ќе направи аналогија со Клиниката за неврологија.
– Велеа дека има многу работа бидејќи многу пациенти се вклучени на биолошка терапија за мултиплекс склероза, но во моментот кога рековме „дајте да ја даваме терапијата надвор од Клиниката за неврологија“, почна отпор. Цела година работевме да почне таа терапија да се применува за почеток во Штип, Охрид и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. Националниот план ќе го подготвиме, меѓутоа основата е тоа дека Клиниката за онкологија останува централна болница за третман, меѓутоа неопходно е некои од терапиите да се пренесат во неколку други болници поблиску до местото на живеење – додаде Клековски.
Појасни дека се работи на подобрување на дејностите во неколку болници надвор од Клиниката за онкологија како реобмислување на радиотерапијата и како е правена таа.
– Претходниот обид е неуспешен, очигледно имаме купено акцелератори пред 10 години и тие не се во употреба и мора да видиме нов поглед на тоа и набргу и за тоа ќе имаме сугестија. Значи, децентрализацијата на терапијата за три месеци, барем во две болници, треба да почне, а ако успееме и во третата болница надвор од Скопје, ќе почне и таму и тоа треба да го растовари моментниот капацитет – појасни Клековски. МИА




