Министерството за здравство во рамки на Реформската агенда 2024-2027 спроведува две клучни мерки поврзани со политиката за дроги и усогласувањето со законодавството на Европската Унија, соопшти денеска министерот за здравство, Сашо Клековски во објава на Фејсбук.
Тој информира дека денеска учествувал на координативниот состанок за Реформската агенда, при што биле разгледани активностите на Министерството за здравство во оваа област.
-Формирана е работна група за усогласување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со законодавството на ЕУ, а во тек е и склучување работен аранжман со Агенцијата на ЕУ за дроги (EUDA) – наведе Клековски.
Како што нагласува министерот за здравство, Европската комисија го одобрила барањето за ТАИЕКС експертска мисија за подготовка на Национална стратегија за дроги усогласена со Стратегијата на ЕУ за дроги.
-Мисијата ќе опфати зајакнување на Националната опсерваторија за дроги, воспоставување на системот за рано предупредување и известување кон EUDA – посочи министерот.
Клековски потенцира дека вториот чекор од Реформската агенда, кој е предвиден за следната година, се однесува на усогласување на листата на психоактивни супстанции со ЕУ и воведување дефиниција за „нова психоактивна супстанција“ во законодавството.
-Ова не се само административни обврски. Функционален систем за рано предупредување значи навремено да откриеме нови опасни супстанции и побрзо да реагираме за заштита на здравјето на граѓаните, нагласува министерот за здравство Клековски.




