Алдо КЛИМАН
На наредните, многу скорешни предвремени парламентарни избори, ќе се појават голем број, особено помлади, квалитетни НЕЗАВИСНИ, интелектуално и стручно потентни кандидати, кои во позитивна, цивилизациска смисла ќе ја сменат сликата на македонскиот парламент. Тоа е неминовен процес. Стилот на партитократското владеење на Мурто и Курто е сосема излитен, се отвора простор за нови, пропулзивни идеи и пристапи. Во овие неколку изминати, за Македонија најтрагични години, стасаа нови луѓе кои со свои очи го видоа сето она што е најпогубно за државата и за општеството. Честитки до сите оние што учествуваа во тешката и нерамноправна борба за уривањето на Заев и на неговата велепредавничка и криминална клика, но и предупредување да не се успиваат на ловориките: промената што ја изборија отсега натаму ќе биде незапирлив процес и нов голем демократски предизвик. Ништо веќе нема да остане исто. На политичката сцена ќе опстанат само тие што ќе умеат да се прилагодат на тие радикални промени. Македонија се разбуди, Македонија се охрабри, Македонија секогаш била и е колепка и место на заеднички живот на различности, па така треба да биде и простор на толерантен соживот на различни политички концепти. Не мора и не смее веќе сѐ да завршува во најекстремна и најпогубна омраза, од кој и да е вид. Под македонското топло небо и под македонското сјајно сонце има место за сите добри и благородни луѓе. Политика која се храни исклучиво од екстремни поделби и омраза однапред е осудена на тежок, траен пораз и валкање во длабока кал и гнасотии, како што, еве, штотуку смртно заврши и политиката на тешкиот и безобѕирен политички злосторник Зоран Заев.
Ги охрабрувам сите умни, способни млади луѓе, на претстојните предвремени парламентарни избори решително да се кандидираат, и радикално да ја сменат сликата НА Македонија и сликата ЗА Македонија. Особено ги охрабрувам и ги поттикнувам жените да го прифатат тој голем и важен предизвик, зашто во нив лежи една енормна раздвижувачка и креативна сила, која досега ниту во Македонија, како ниту во многу други земји од политичката транзиција, не можеше да дојде до соодветен израз во застоените и закостенети патријархални архетипски претстави за политиката како зададен, најчесто многу здодевен, ексклузивен машки клуб.