Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, порача дека очекува граѓаните во Македонија да гласаат на референдумот без надворешни мешања, јави МИА од Брисел.

– ЕУ го поддржа постигнатиот договор за името, сега низа чекори треба да се случат за договорот да стане дефинитивен. Референдумот е моментот кога народот може да го искористат своето демократско право, ова е важен момент за нив да одлучат да иднината на нивната земја и треба да им биде овозможено тоа да го направат без надворешно мешање, изјави Коцијанчич.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали ЕК и помага на Македонија да се бори против можни лажни вести од надворешни фактори и мешања во кампањата, Коцијанчич порача дека европските служби ги споделуваат своите најдобри пракси во оваа област со нејзините партнери, но дека организацијата на референдумот е пред сѐ во рацете на државата како суверена земја.

Останува нејасно за какво мешање од надвор станува збор. Јавноста деновиве е сведок дека претставници токму од членки на ЕУ доаѓаат во Македонија и им наметнуваат ставови на граѓаните како да гласаат на референдумот за смена на уставното име на Република Македонија и за поддршка на договорот со Грција.