Договорот е патриотски и ни помага да ги концентрираме силите таму каде што има проблем, рече шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас од грчкиот парламент, за време на расправата за гласање недоверба на владата.
Коѕијас објасни дека направен е компромис во решението, бидејќи „само ако победиш во војна, тогаш има договор без компромис“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на декласифицираните документ од грчкото МНР, Никос Коѕијас рече дека добил дозвола да бидат искористени. Ги анализираше понудените предлози на Нимиц (Вардарска Македонија, Горна Македонија, Македонија – Скопје, Северна Македонија) и рече дека сите имиња освен Северна Македонија, биле отфрлени од грчките влади во минатото.
Во однос на договореното име, шефот на грчката дипломатија рече дека во минатото, токму за овој предлог владите коментирале дека е предлог за кој вреди да се разговара и преговара и се осврна на периодот во 2009.
Константинос Мицотакис рекол дека ова име може да е исходот што се бара, а министерка за надворешни работи во 2009 Дора Бакојани, во одговор до Нимиц, според Коѕијас, рекла дека „секако вреди да се продолжат преговорите за ова име“.
Шефот на грчката дипломатија го повтори ставот на владата дека најголемите опозициски партии и во двете земји имаат идентични позиции, и едните и другите ги обвинуваат владите дека дале сѐ во преговорите.
Алексис Ципрас, можеби имаме два различни договора еден за едната, еден за другата земја, се запраша Коѕијас обраќајќи му се на грчкиот премиер во однос на обвинувањата од опозициите и во Македонија и во Грција.
Во 45-минутниот говор, тој на пратениците им ги објасни главните точки од договорот што се однесуваат на јазикот, државјанството, ерга омнес и евро-атлантската интеграција на нашата земја.