Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска и утре во Њујорк, ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во присуство на личниот пратеник на Генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, соопштија од македонското МНР. Сепак, не се исклучува, оваа рунда преговори да биде затворена во само еден ден, како што е објавено во некои грчки медиуми.

Во пресрет на новата рунда разговори за името, од македонската Влада потврдија дека остануваат на ставот во однос на последниот предлог за името – Република Илинденска Македонија,кој грчката страна го отфрли и јасно стави до знаење дека преговараат врз основа на четирите имиња од пакетот предлози од Нимиц.

Премиерот Алексис Ципрас во грчкиот парламент, одговарајќи на критиките упатени од лидерот на опозициската Нова демократија, Киријакос Мицотакис, во врска со името „Република Илинденска Македонија“, возврати дека владата јасно и навремено излегла со став, и дека приоритет за грчката страна, е обезбедување ерга омнес и уставна ревизија.

„ За ова прашање имавме важен напредок. Господинот Заев е првиот премиер од соседот што јавно ја прифати оваа перспектива за сложено име, ерга омнес со уставна ревизија. Ова го немате до сега видено во период кога вашата партија се наоѓаше во влади што преговараа“, истакна Ципрас.

Шефот на грчката дипломатија, пак, Никос Коѕијас, кој деновиве се наоѓа во посета на САД, на брифинг со грчките дописници изјави дека американската администрација не врши притисок, туку се интересира за решение кон кое водат преговорите за името и кои се потешките точки. Коѕијас се сретна и со генералниот секретар Антонио Гутереш, по што не се изнесени детаљи за содржината на разговорите, но Коѕијас ијави дека решенија се решенијата со компромис, другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение.

– Јас велам дека сум ниту оптимист, ниту песимист, но имам волја да најдам решение. А треба и другата страна да има прагматизам и реализам за да најде решение. Решенија се решенијата со компромис. Знам дека многу сили и во двете општества би преферирале решенија по нивна волја, но во меѓународните односи не постојат таков вид решенија,

На новинарски коментар дека македонската страна тврди дека сме на крајот на патот, шефот на грчката дипломатија, кусо вели дека „не останува ништо друго, освен да го покаже тоа“ за време на преговорите.

Преговорите поделени на два дела

Министерот Никос Коѕијас објасни дека преговорите се поделени на два дела, оние меѓу министрите за надворешни работи кои разговараат за централните политички прашања и меѓу техничките групи.

-Значи, ќе имаме преговори на експерти и преговори меѓу министри. Главните преговори, секако, за кои има нахјголем интерес за сите, се тие меѓу министрите. Но, исто така, преговорите меѓу експертите ќе помогнат за да се постигне целиот пакет-објасни Коѕијас.