Околу 40 илјади граѓани од денеска, кои досега имаа проблеми во банки и други институции поради лични карти со изминат рок, ќе може да ги подигаат новите лични карти на кои ќе биде впишано новото име „Република Северна Македонија“.

Печатењето и издавањето на личните карти е деблокирано откако Владата со подзаконски акт го заобиколи законот кој треба да се изгласа во Собранието на Македонија.

МВР два месеца не издававаше лични кари со новото име на државата, бидејќи во Собранието е заглавен Законот за лични карти, кој опозицијата го блокира со над 1.500 амандмани.

За опозицијата, регулирањето на ова прашање со подзаконски акт е кршење на Уставот и на законите. Власта, пак, тврди дека издавањето на лични карти и без да се донесат законските измени е сосема легално, а МВР како надлежна институција и министерот за внатрешни работи ги имаат сите законски овластувања за донесување на подзаконскиот акт со кој се уредува издавањето на лична карта за граѓаните, а во согласност со Уставот, Уставните амандмани, Законот за лична карта и Законот за употреба на јазиците.

Старите лични карти на кои се уште не им е истечен рокот ќе важат до 12 февруари 2024 година.

Сега кога граѓаните и требаат на власта за престојниот попис во септември, како и за локалните избори во октомври, најдено е „експресно решение“ за проблемот.