На повидок е нов скандал, и повторно во центарот на овој скандал е скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Имаме основани сомневања дека многу најавуваните субвенции за инвертер клими се голема измама и злоупотреба зад кое стои половична реализација на проектот, и истите се делени без исполнување на критериумите, селективно, и сето тоа базирано на партиски и лични основи, истакна Светлана Колариќ, советник во Совет на Град Скопје.
-Исто така имаме сомневања дека личните податоци на апликантите не се заштитени и третирани согласно закон при што можна е злоупотреба. Овие наши основани сомневања ги темелиме на претходна дојава од самите служби на градот и како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата побаравме увид во документацијата при што сме должни да објавиме констатираните нецелосна документација, со бројни пропусти и аномалии, рече Колариќ и додаде:
ВМРО-ДПМНЕ се сомнева дека се делени субвенции за инвертер клими на партиски луѓе кои живеат во централното градско подрачје, на улицата „Никола Кљусев“, улица „Македонија“, „Народен фронт“ и други улици низ центар каде е познато дека има парно греење или и досега граѓаните се грееле на струја, додека цели населби како Ѓорче Петров, Драчево, Лисиче, Радишани и други каде нема парно и загадувањето е големо, нема доволно субвенции. Она што го затекнавме во градот е запрепастувачки. Нецелосни досиеја, расфрлани документи по ходници“.
Го прашуваме Шилегов, подвлече таа, јавно да каже колку контроли се направени кај граѓаните корисници на субвенциите за исполнети услови?
-Зошто на едни граѓани се барани потврди од БЕГ а на други изјави од нотар? Го прашуваме Шилегов јавно да каже дали го познава воопшто и зошто не го применува Законот за заштита на лични податоци. Или пак како и се друго за него и неговите партиски послушници законите не важат. Го повикуваме Шилегов да појасни, зошто досега на ниту еден апликант не му е побарано да даде изјава за согласност за обработка на лични податоци? Да одговори дали е точно дека се печатени лични карти и покрај софтверско чување на истите при апликација за субвенции? Да одговори зошто регистри со досиеја на граѓани апликанти и корисници на субвенции се расфрлани по ходници на дотраена барака бр.14? Шилегов да одговори, дали е точно дека раководител на сектор дал наредба да се сечат документи, складирани во вреќи и изнесувани надвор од бараката? Да одговори каква документација е уништена и под чија наредба? Шилегов треба да одговори кој е одговорен за личните податоци на апликантите и корисниците на субвенции.
Колариќ изјави дека ја повикуваат и Агенцијата за заштита на лични податоци да изврши увид и примена на законот и инспекторатот на државен архив за ништена документација.
-Граѓаните имаат право да знаат кој ги обработува и за какви цели нивните лични податоци.