Коле Манев

Политичка перверзија се случува секогаш кога една личност кога се определува да влезе во политичкиот живот само и само да ги задоволи своите лични потреби, како бизнис интереси, таквите неизмерно лакоми и алчни за власт и моќ, обременети со патолошка склоност кон нарцизоизам, убедени дека светот е создаден само за нив и му припаѓа само ним, дека може и треба да се служат со измами и да применуват длабока корупција тогаш кога им треба, демек освен тие се друго е ништовно и неважно, таквите личности не само што се лажат себе си тие на валкан начин ги лажат и сите други за кои треба да работат и на  кои треба да им служат.

Најлошата мана на таквите лица е кога устата им зборува побрзо од умот. А кога устата е побрза од умот се добива политичка какафонија односно  хаос. Секој кој се решил да се бави со политика, треба да сака и да знае да ги решава економските, социјалните проблеми на граѓаните да се грижи и го заштитува историскиот и културен идентитет на еден народ и под еден важен услов, умот да знае да ја контролира устата, кога треба. Се друго е ветер и магла.

Во јавниот живот на Зоран Заев или во неговото делување во политиката не еднаш му се случувало устата да е побрза од умот. Сите се сеќаваме кога не уверуваше, додека го дише овој македонски воздух тој нема да дозволи да го менува Уставот за промена на името. Потоа за истото се колнеше во претци, во сопствените деца, во се што му е најмило и најдраго. Десетина дена подоцна устата го изневери умот. Во два или три наврати устата на Заев беше побрза од умот на Заев. Кога заедно со уште два тројца бистри во устите политичари, враќајки се од Брисел, во авион и сите насмеани, не убедуваа дека сме добиле датум за преговори со ЕУ. Тоа ти било една од големите групни измами бидејки датумот за преговори со ЕУ сеуште го чекаме.

Пред и за време на последниот изборен процес, кога низ земјава мистериозни личности во темнините на ноќта делеа пакети како поткуп за гласови, умот беше повторно бавен бидејќи устата тврдеше дека тоа била хуманитарна помош! Устата знае да биде и погрдна кога со пцости и закани се обраќа кон сопствениот народ и од истиот тој народ бара да го однесе до премиерска функција која неизмерно му е драга и посакувана. Со неискрена и кисела насмевка им се извинува на новинари кога ги дели на вакви или онакви, подобни или неподобни. Устата знае да биде и неверна кога се заканува на обвинители и судии кои во икс случај го извлекуваа сопственикот на устата од судски процеси полни со приземна кал. Дали сите обвинители треба да завршат како Катица, во која Заев се крстеше или торбите од Луј Витон треба да се бараат кај Заеви, како што тврди првиот обвинет од една корумпирана афера?

Сега сака да не увери дека со новата влада (ако најде магичен начин да ја создаде) жестоко ќе се бори според Устав и закони  ќе се бори против криминалот и корупцијата. Дали на ист начин како што со затворски казни им се закануваше на осумтемина ,,самостојни“ пратеници кои му беа неизмерно потребни за промена на Уставот за потоа и промена на името? За таква борба ни зборува Заев!? А што со Рекет 1 или Рекет 2 и што со едно евро за Вицето и едно за тој до него? Во изборни ветувања и комбинаторики, да бидеш во коалиција со една етничка албанска партија, а устата да говори дека етничките албански гласови не вредат петпари тогаш умот е во кома. А устата силно не убедуваше дека ДУИ неминовно треба да оди во опозиција!

Немам ништо против ДУИ да  оди во опозиција, осумнаесет години на власт не е лош владеачки период, но проблемот е во тоа што устата сега преговара за создавање влада  со истите тие гласови кои не вредат пет пари или со истата партија која треба да оди во опозиција.  Стотици милиони евра немилосрдно беа фрлени за платежни картички, за невладини организации, за поткуп и изборна корупција бидејки брзата уста беше уверена во силна победа. Епилогот од сето тоа е смешен дебакл, бидејки СДС заврши со 42 пратеника.   Невиден парадокс е што устата која е побрза од умот неизмерно сака повторно да биде прва личност во новата влада! Траги-комиката добива силна политичка играорка со тоа што   тие кои беа предложени за во опозиција барат свој премиер етнички Албанец! Чудно, но вистинито, ни се случува со умот на брзата уста. Сегашната политичка состојба е таква како што не подучува народниот мудрец, со брза уста и бавен ум се повторува приказната која ни вели: угоре е високо и удолу е длабоко.

Без разлика дали Заев ќе успее да направи влада со едни или со други, благодарение на брзата уста и со бавниот ум, мислам дека неговата политичка кариера завршува тука или треба да заврши. И секогаш е така кога устата е побрза од умот.