Страшо АНГЕЛОВСКИ
Случувањата околу чествувањето на 151 – та годишнина од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев, го испровоцираа текстов за апсолутноста и релативноста во омразата и во љубовта. Апсолутност и релативност како дилеми во размислата и во делувањето, а низ неколку примери.
Пример 1: ЕВРОПРАТЕНИКОТ И ГОВОРОТ НА ОМРАЗА
Читам, поранешниот амбасадор, актуелен бугарски пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, напишал “… нема иднина за такви комунистички фосили како вас – титоисти, црвено ѓубре, југословенски гикови. Ќе висите пред портите на Европа многу долго. Ќе клечите пред нив додека не ви скапат тиквите за историската вистина дека сте срамни наследници на достојните македонски Бугари…“
Ја разбирам фрустрацијата на живковистот Јорданов што во младоста морал да чека со години за да можел (дали воопшто можел) да купи и да вози “Трабант“ или “Москвич“; што морал или да биде соработник на тајните комунистички служби или да чека со години за да добие виза за излез од Бугарија и “да го види светот“; да чека некое “црвено ѓубре“ од Македонија, со “Фолксваген Голф“, на пример, за да купи “чорапогашти“, “д’нки“, или “д’фки“.
Ја разбирам апсолутната омраза на живковистот Јорданов кон се’ македонско, како резултат на недостаток на култура, на историско незнаење, на фрустрација од постоењето на македонскиот народ и македонската држава кои исчезнаа од неговиот националромантичарски сон… Ја разбирам како антицивилизациска неподготвеност да се прифати национално поинаквиот, различниот и да се живее покрај него, во взаемна почит и разбирање.
Па, природно се поставува прашањето дали оваа омраза е насочена кон Македонците како целокупно нивно постоење или само кон овие “создадени од Тито во границите на сегашната македонска држава“, а од кои тој купувал “чорапогашти“ за својата девојка ? И, доколку се однесува на “титоистите“, уште поприродно прашање – што доколку на “големите исцртувачи на карти“ им се стресела раката, па линијата на салфетата на која цртале и со која гранично се поделени Македонија и Бугарија ја нацртале десеттина километри западно? Дали тогаш, оние исти “црвени ѓубриња“, кон кои сега истура омраза и навреди, кои живеат во, на пример, Крива Паланка, Делчево, Берово, а со кои трчаше да се сретне на еднаш годишно организираното “свиждање“, седумдесеттина години се наоѓаа од другата страна на границата, во сегашна Бугарија, ќе беа добри и прифатливи за неговиот живковизам?
Дали, пак, доколку ја исцртале границата десеттина километри источно па, на пример, Ќустендил, Благоевград, Петрич… седумдесеттина години се наоѓаа од оваа страна на границата, во “титовата творба“, сегашна Македонија, неговите сегашни сограѓани, со “европејски“ менталитет, ќе беа “комунистички фосили“ и “црвено ѓубре“?
Вака погледнато, апсолутната омраза се релативизира целосно, а исцртаните линии, какви и да се, служат само за да ги разграничат луѓето од нелуѓето, омразата од љубовта, апсолутното од релативното, големите мисли од ситните фрустрации…
Па, на крајот, апсолутното и релативното завршуваат со дилема на која секој сам треба да си одговори.
Пример 2: СУВЕРЕНА ХРВАТСКА И ЕВРОЗОНАТА
Во петгодишна крвава војна, од 1990 – 1995 година, со петнаесеттина илјади жртви, со стотици илјади протерани, со разурнати градови до темел, Хрватска излезе од дотогашната заедница на републики во која се наоѓаше, од СФРЈ. Излезе од заедница во која имаше заеднички граници, заедничка валута, заедничка армија, заеднички безбедносен систем, заедничка економија… Заедница на која и беше отстапила дел од сопствениот суверенитет.
Апсолутно разбирливата желба и вековен стремеж Хрватска да биде суверена држава, беше она што ги крепеше Хрватите низ петте крвави години и, конечно, наградата беше повеќе од огромна – суверена држава. Држава со сопствени граници, со сопствена армија, со сопствена валута, со сопствена економија… Со целосен суверенитет несподелен со никого.
Од 1 јануари годинава, Хрватска е дел од Шенгензоната и дел од Еврозоната. Со тоа, Хрватска и дефинитивно стана дел од една нова заедница на држави во која повторно има заеднички граници, заедничка валута, заедничка економија, заедничка армија и заеднички безбедносен систем (НАТО)… Заедница на која и отстапува дел од сопствениот суверенитет.
Заедница кон која, нели, и ние Македонците се стремиме. Заедница заради која го сменивме името и го изгубивме идентитетот, заедница заради која трпиме понижувања и изживувања од официјална Софија, заедница на која, на крајот на денот, ќе и отстапиме дел од сопствениот суверенитет.
За Хрватска, апсолутниот суверенитет стана релативен, а жртвите од татковинската војна станаа мост за префрлање на делот на суверенитетот од Белград во Брисел. За Македонија, изгубеното име, идентитет, историја и достоинство ќе бидат најскапиот мост што некој народ некогаш го платил за да си пренесе дел од суверенитеот од еден центар во друг. За да успее апсолутниот суверенитет, стекнат низ крвави столетија, да го изрелативизира до ниво на непостоење.
Па, на крајот, апсолутното и релативното завршуваат со дилема на која секој сам треба да си одговори.
Пример 3: АМЕРИКАНСКИ ШПИУНИ И РУСКО ВЛИЈАНИЕ
За да можат да се одржат на власт и за да бидат горди извршители на добиените задачи од центарот на кој му беа отстапиле дел од суверенитетот, на Белград, предводниците на тогашната “црвена буржоазија“, комунистичките функционери, секој, кој не размислуваше на “линија“ со Белград, го обвинуваа и осудуваа како империјалистички соработник, односно соработник на “клетата“ Америка.
Денес, нивните синови и внуци, за да се одржат на власт и за да бидат горди извршители на добиените задачи од центарот на кој му отстапуваат дел од суверенитетот, на Брисел, секој, кој не размислува на “линија“ со Брисел, со невидена леснотија го квалификуваат како дел од “руското влијание“ во државава и соработник на “клетиот“ Путин и “клетата“ Русија.
Апсолутната послушност кон Белград ја заменија со апсолутна послушност кон Брисел, а релативната омраза кон Америка ја заменија со релативна омраза кон Русија.
Па, на крајот, апсолутното и релативното завршуваат со дилема на која секој сам треба да си одговори.
Токму затоа, овие три примери се само поставени дилеми за размрдување на мозочните клетки кај секој од нас, освен кај оние кои роденденот на Гоце го чествуваа во неговиот “спомен дом“.
(авторот е претседател на МААК)