Пишува: Страшо Ангеловски

Долго време се наметнува тезата за поделениот македонски народ. Теза, “divide et impera“, со која сака да се создаде лажна слика дека македонскиот народ е поделен, дека вината лежи во политичките партии, токму за да може полесно да се владее со него, а, во негово име. Со мала грижа на совест, како претседател на политичка партија, нурнав малку подлабоко, до онаму до каде што допираат сеќавањата на се уште живите сведоци, до 1945-та.

Имено, тогаш, после насилното уривање на легитимната македонска власт, со помош на белградски инструктори и, инсталирање нелегитимна марионетска власт, започнува жестокиот обид за поделба на македонскиот народ. Инсталираните владетели, најпрво, на монторани судски процеси, судат и затвораат се што може да им посмета. Огромен дел од нив, нешколувани и необразовани, но со високи партиски, комунистички функции, се пресметуваат со македонската интелигенција и ја испраќаат по казаматите и карцерите на тогашната држава, сметајќи дека така најлесно ќе го скршат духот на македонскиот народ.

Но, свесни дека со тортури, убиства и затвори, а без поддршка на барем дел од народот, не ќе можат долго да се задржат на власт, тие почнуваат да формираат една нова “класа“, “класа“ на привилегирани, “класа“ на полтрони, “класа“ на доушници, “класа“ на шефови и шефчиња, на директори и директорчиња, на партиски новинари и новинарчиња, на партиски уметници и уметничиња и, од комоцијата на Водно, почнуваат да ја одгледуваат и гојат таа “класа“. Па, покрај поубавите и поплатени работни места, им дозволуваат да посетуваат најразлични семинари и научни екскурзии на сметка на државата, им доделуваат партиски новинарски или писателски награди, им доделуваат бесплатни станови, им овозможуваат, преку ред, со евтини кредите, да купат последен збор на автомобилската технологија “фиќо“ или “101“.

На тој начин, таа класа на привилегирани полтрони и доушници почнува да расте и да станува диво месо на телото на народот. Моќен паразит кој се храни токму од народното ткиво.

И така, во 1991-та, владетелите од Водно, сметајќи на својата угоена “класа“ на привилегирани полтрони, се обиде да му ја одземе шансата на својот народ да ја реализира својата вековна желба и стремеж – независна и самостојна македонска држава и, направи се, преку договорот Глигоров – Изетбеговиќ, да го оневозможи тоа. За среќа, народот го препозна мигот, ја зграпчи својата шанса и, на 8 септември јасно и децидно го кажа своето ДА. Тогаш се направи поделбата во македонското општество. Од една страна, се уште живите удбашки структури од старата власт и нивните потомци кои веруваа во вечноста на нивното владеење, заедно со вештачки создадената “класа“ на полтрони, доушници и привилегирани некадарници, а од другата страна онеправданиот македонски народ. Народ, свесен, горд и достоинствен.

Ете таа вештачка поделба во оппштеството постои до денешен ден. Претходната власт, не разбирајќи ја суштината, наместо да се сврти само кон сопствениот народ, се обиде таквата “класа“ на привилегирани полтрони, со уште привилегии, да ја сврти кон себе, не разбирајќи дека е диво месо и дека не сака да биде дел од македонскиот народ, кој јавно го прогласи за стока, за небањат, за не знам каков. Со тоа, ем го наврте гневот на сопствениот народ, ем не успеа да го “припитоми“ дивото месо.

Резултатите од референдумот од 30 септември уште еднаш потврдија дека таквата поделба во општеството се уште егзистира. Имено, таа инсталирана удбашка структура и нивните денешни синови и внуци, заедно со одгледаната и угоена “класа“ на привилегирани полтрони, на македонскиот народ се уште не можат да му простат што ги порази нив и нивниот договор Глигоров – Изетбеговиќ и, сега, полни со пакост и злоба, се обидоа да му се одмаздат преку договорот Заев – Ципрас и, да му ги поништат резултатите од 8 септември. Полни со пакост и злоба кон народот од кој и тие произлегле, но за малку привилегии се оттуѓиле токму од него.

Како потврда на сето ова, ќе изнесам само две искажувања, изнесени во ист ден, на два дена по референдумот, на две различни емисии, од двајца “еминентни“ претставници на “класата“ на привилегирани полтрони.

Едниот, со невиден цинизам, го негираше дури и Илинденското востание, велејќи дека тоа дури воопшто и не било востание, но дека тогаш, внимавајте, било лето и, Турците биле по плажите, а немало мобилни телефони, им требало десеттина дена да се организираат и дојдат до Крушево, а не дека некој таму се борел и организирал народна власт. Со ова, ова привилегирано полтронче, згази на светоста на овој народ, на крвта на загинатите, на солзите на мајките во црнина. Ете таа е вистинската поделба во општеството – еден грст цинични привилегирани полтрони кои газат врз се свето, од една страна и, македонскиот народ, кој со почит се однесува кон своите херои и своето минато, од друга.

Вториот изјавува дека “кога немаш економска комоција, кога си поприлично без пари, чуму ти е идентитетот?“ Со ова, тоа привилегирано полтронче, разјасни две работи. Прво, дека за него и за неговата “класа“ на привилегирани полтрони е најважна економската комоција и имањето поприлично пари, дека за тоа се подготвени да продадат се и, најважно, дека на референдумот од 30 септември, се определувавме токму за зачувување или, за поприлично пари, продажба на идентитетот. Ете тоа е втората поделба во општеството – еден грст привилегирани полтрони подготвени да го продадат идентитетот на сопствениот народ заради малку економска комоција и поприлично пари, од една и, македонскиот народ, оној сиромашниот, но горд, чесен и достоинствен, кој, за да си го зачува идентитетот името и постоењето, докажа дека е подготвен да се спротивстави и на здивената неолиберална глобална машинерија во заминување.

Третата поделба во општеството се согледува повторно во секојдневните изјави на грст привилегирани полтрони, за кои двојните стандарди и лагите се манир и начин на лично и политичко однесување. Сесрдно работејќи на бојкот и воодушевено славејќи го неуспешниот референдум од 2004 година како голем успех и исчекор кон европските интеграции, денес сосема спротивно, тоа истото го претставуваат како неуспех и оддалечување од европскиот пат. Од другата страна е македонскиот народ кој едноставно бара еднакви критериуми, еднаков однос кон резултатите од двата референдуми и еднаков исход од нив. Поделба на дволични лицемерни одработувачи на туѓи агенди и горд и достоинствен македонски народ.

Токму затоа, вечерта, после објавувањето на референдумскиот резултат, поделбата стана уште појасна и понедвосмислена. Од една страна, малата група привилегирани полтрони, напикани во некоја хотелска сала, далеку од својот народ, кои рекоа дека референдумот е неуспешен, дека “фаците им се згужвани“, но дека треба вештачки да се насмеат за да ја продолжат измамата на сопствениот народ. Од другата страна, горди и достоинствени Македонци, излезени по улиците низ Македонија, за да ја прослават победата после неуспешниот референдум. Ете тоа е вистинската поделба во македонското општество:

“Згужвани фаци“ од една, горди и насмеани Македонци, од другата страна.