Страшо АНГЕЛОВСКИ
Прашање кое најчесто се поставува деновиве – што се случи во Битола при отворањето на културниот клуб “Ванчо Михајлов“ со посета на највисока официјална бугарска делегација? Се случи ли нешто што не можеше да се предвиди? Се случи ли нешто што треба да не’ изненади?
Одговорот, за жал, е повеќе од јасен и дециден – нештата се многу подлабоки од тоа како повеќемина ги гледаат и минимизираат – како билатерални односи меѓу балканските држави. Па, се случи она што е само логичен след на нештата, кои во континуитет, како “европски вредности“ го промовираат нацизмот во нашето општество во обидот целосно да се избрише антифашистичкиот карактер на државава. Една од малкуте, ако не и единствена, покрај поранешниот СССР, денешна Русија, која може со тоа да се гордее. Држава создадена од народ кој без братоубиствени ужаси, без помош од англо-американските или руските тенкови, со свои сопствени сили, цврсто во текот на целата Втора светска војна, остана на страната на антифашизмот. Држава која токму поради тоа треба да биде уништена од се’ позасилениот европски нацизам.
ОД ЏЕМО ХАСА, ПРЕКУ ГРЧКИОТ МОНАРХОФАШИЗАМ, ДО ВАНЧО МИХАЈЛОВ
Откако во 2006–та, во гостиварското село Симница беше подигнат споменик на соработникот на фашистичка Италија и водач на фашистичката творба Бали Комбетар, Џемаил Хасани, познат како Џемо Хаса, нацизмот започна да го нагризува здравото општествено ткиво во државава. Колку за информација, Џемо Хаса, како водач на Бали Комбетар за Западна Македонија, од фашистичка Италија добивал месечна плата од 50.000 лека за борба против македонските антифашистички сили на таа територија во текот на Втората светска војна.
Еве, веќе 16 години чинот на величање на фашистички соработник и злосторник не само што не е осуден туку неговата глорификација е потхранувана во еден дел од македонското општество.
За жал, токму ЕУ, со своите “демократски вредности“, замижува со двете очи на ваквата глорификација на фашизмот. Чудно, ќе речете, но, подоцна ќе видиме зошто е тоа така.
Во меѓувреме, веќе триесеттина години, “внуците“ на грчките монархофашисти, оние кои крваво ги прогонуваа Македонците од вековните огништа во егејскиот дел на Македонија, вршат меѓународноправен терор врз македонската држава. Воведуваа блокади и ембарга со кои сакаа да ја уништат кревката македонска економија, бараа и успеаја во намерата за некакво времено име на државава заради прием во ОН, ОН која како организација постои токму заради заштита на правото на секоја па и најмалата и најнемоќна држава, а која подлегна под монархофашистичките притисоци на Атина. Притисоци кои на крајот, откако беше инсталиран македонскиот квинслинг, завршија со најбруталната, антицивилизациска, нацистичка придобивка – бришење на идентитетот на еден цел народ – македонскиот и промена на името на државава. И нормално, секој обид за спротивставување на овој антицивилизациски чин, се претставува како антиевропска реторика, како отпор кон “европските вредности“.
За жал, токму ЕУ, со своите “демократски вредности“, не само што замижа со двете очи, туку и ги поттикнуваше ваквите нацистички постапки. Чудно, ќе речете, но, подоцна ќе видиме зошто е тоа така.
Во меѓувреме, бидејќи “цело е кога има се“, насилно инсталираната власт на Зоран Заев ги избриша АСНОМ-ските придобивки од Уставот на Република Македонија, со што го избриша и нејзиниот антифашистички карактер и го отвори патот за она што не му успеа на фашизмот во војна – мирновремена нацификација на Македонија. Нацификација од страна на поразените во Втората светска војна, поразените на кои им се дозволува да ја пишуваат историјата на победникот, на македонскиот народ и држава. Нацификација од страна на Албанија и Бугарија, откако “внуците“ на грчките монархофашисти ги задоволија своите апетити и на конгресот на СИРИЗА го дочекаа Зоран Заев како најголем грчки јунак во битката против “варварите“ од север.
Ете затоа се случи отворањето на “културниот клуб“ во Битола. Заради непречено одвивање на забрзаниот процес на бришење на антифашизмот, кој ЕУ го започна со бришењето на 9 мај како Ден на победа над фашизмот; го продолжи со сатанизација на Руската Федерација и поттикнување на украинските неонацисти на војна до истребување со оружје штедро дотурано од земјите членки на ЕУ, наместо со дипломатија како единствена алтернатива на војната; со пишување историја од страна на поразените, која треба да ги покрие трагите на вистината; со Македонија како колатерална штета заради нејзиното антифашистичко минато.
ПРИКРИЕНИОТ НАЦИЗАМ – ДЕНЕС ЈАВНО ВЛАДЕЕ СО ЕУ
Историјата на ЕУ ќе ни открие зошто е тоа така. Читајте внимателно:
Макс Варбург, директор на германскиот “И. Г. Фарбен“, конзорциум формиран во 1925-та од еден куп моќни корпорации меѓу кои и Баер и БАСФ и, неговиот брат Пол, еден од творците на американските Федерални резерви, заедно со американските Џенерал Електрик, Хенри Форд, Прескот Буш, Стандард Оил на Рокфелер и системот од 12 приватни банки, познат како Федерални резерви, се најголемите финансиери на Хитлер. Тоа се едни од луѓето без кои немаше да постои нацистичка Германија, а се горливите заговарачи на формирањето на ЕУ како наддржава.
Одиме понатаму:
Во автобиографијата на Ричард Фон Куденхоф – Калерги, творецот на “Пан-европското движење“ во 1923 година и автор на ЕУ-манифестот познат како “Пан-Европа“, поддржан токму од браќата Варбург (финансиерите на Хитлер) со тогашни 60.000 златни марки, стојат следните имиња на луѓе активни или многу блиски на Национал-социјалистичката партија на Хитлер, а исклучително заслужни за ширењето на идејата за обединета Европа како НАДДРЖАВА:
Конрад Аденауер, прв канцелар на Западна Германија, кој, според негови искажувања, во тогашното германско МНР вработил 66 проценти “поранешни нацисти“,
Алќиде Де Гаспери, новинар и политичар кој го поддржувал Мусолини, премиер на Италија од декември 1945-та.
Пол-Анри Спак, член на белгиската Социјалистичка партија и официјален поддржувач на фашизмот на Франко и нацизмот на Хитлер. Од 1957 година Генерален секретар на НАТО.
Холандскиот принц Бернхард од Липе-Биестерфелд, член на Национал-социјалистичката партија и СС офицер. Во 1954 година основач на групата Билдерберг, чија цел е создавање европска наддржава.
Волтер Холштајн, член на Национал-социјалистичката партија , познат како “правникот на Хитлер. Од 1958 година, во два мандати претседател на Европската Комисија, највисокиот орган на ЕУ.
Листата на имиња на истакнати нацисти, учесници во создавањето на ЕУ нема крај, но интересно е да се спомене дека токму овие луѓе во 1955 година во Месина на Сицилија го подготвуваат документот познат како “Римски договор“, со кој, по потпишувањето во Рим во 1957 година, се формира Европската Економска Заедница. Покрај Пол Анри Спак и Валтер Холштајн, документот го потпишале и Гаетано Мартино, некогашен член на фашистичкото движење на Мусолини, Антони Пинај, член на Националниот одбор на Франција“, познат како пронацистичката Влада од Виши и, Јозеф Лунс, тивок член на Национал-социјалистичкото движење во Холандија, а Генерален секретар на НАТО од 1971-1984 година.
За крај, од 1950 година се доделува наградата “Карло Велики“ на личност која најмногу придонела во формирањето и ширењето на ЕУ. Покрај веќе сите споменати нацистички активисти или поддржувачи, наградата ја добиваат и, на пример, Франсоа Митеран, член на вишиевската верзија на “Хитлерова младина“, чиј член бил и Жак Делор, еден од претседателите на Европската Комисија, Херман Ван Ромпеј, во 2014 година поставен за Претседател на Советот на Европа од групата Билдерберг…
За жал, “внуците“ на прикриените нацисти, кои никогаш и не заминале од европската политика, а преку НАТО и од евроатлантските интеграции, денес јавно и без срам, ги практикуваат нацистичките методи, го потиснуваат сеќавањето на антифашистичката војна и уништуваат се’ што им стои на тој пат и, од ЕУ, полека но сигурно создаваат неонацистичка европска наддржавна творба. На сметка на слободарските народи и суверените држави.
Битола, после Симница и Нивици, им беше само попатна станица.
(авторот е претседател на МААК)