Страшо АНГЕЛОВСКИ

ПРАВДА. ПРАВДА не е само збор, ПРАВДА е чувство – чувство на праведност, чувство на еднаквост, чувство на можност да ја докажеш вистината…

И Бог рекол – “Блажени се гладните и жедните за ПРАВДА, оти тие ќе се наситат!“

Токму затоа е постојаната човекова борба за ПРАВДА, за, еден ден, да се насити од нејзините плодови, од плодовите на вистината, плодовите на праведноста.

Текстов го пишувам на 27 април, на денот кога пред осум години, македонскиот народ, или еден негов дел, им се спротивстави на уставоубијците седнати во зградата на македонското Собрание. Уставоубијци кои тој ден го доживеале како “крвав четврток“. И да, во право се – тоа е најкрвавиот четврток во историјата на македонскиот народ, четврток во кој тие забија нож во срцето на сопствената мајка – Македонија и, до ден денес, се ситат на нејзиното крварење.

А потоа, потоа во монтирани полициско-судски процеси на повеќе од 200 години вкупна затворска казна ги осудија оние кои се обидоа да го спречат мајкоубиството. И, до ден денес, тие луѓе гнијат во македонските затвори и, барајќи ПРАВДА се обидуваат единствено да добијат праведно судење, без политичко-полициски монтажи, на кое ќе ја докажат својата невиност.

Тие луѓе не молат, не коленичат, не бараат милост, тие луѓе бараат само ПРАВДА. Бараат само да ги изгасат својата глад и својата жед и, како што рекол Господ, да се наситат од плодовите на ПРАВДАТА.

Токму заради нив, го пишувам текстов и извикувам – ПРАВДА за уставобранителите!!!

И, ќе продолжам:

ПРАВДА за предадените и ѕверски убиените кај Вејце во масакрот кој се случи токму на денов на објавување на текстов; ПРАВДА за бранителите и нивните семејства од 2001-та и 2015-та; ПРАВДА за ограбените преку криминалната приватизација; ПРАВДА за жртвите во сообраќајни несреќи чии сторители ги штити гнилото судство, како на примерот со младата Фросина Кулакова; ПРАВДА за загинатите во Модуларната болница, несреќата кај Ласкарци, несреќата на магистралата Струма, несреќата во Кочани…; ПРАВДА за убиените ангели на Смилковско езеро; ПРАВДА за сите онеправдани граѓани на оваа држава чиј список, за жал, би бил долг барем колку телефонскиот именик и, конечно, ПРАВДА за Македонија пред лицемерната и полна со двојни стандарди, “меѓународна заедница“.

Со еден збор – ПРАВДА за сите онеправдани, ПРАВДА за сите страдални во нерамноправната битка со слепата Јустиција, со божицата, која секојдневно ја убиваат, бавно и во најтешки маки.

“БЛАЖЕНИ СЕ ГОНЕТИТЕ ЗАРАДИ ПРАВДА, ЗАШТО НИВНО Е ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО“

Верувам дека и оваа божја порака еден ден за сите нас ќе стане реалност, но ние имаме обврска остварувајќи ја ПРАВДАТА, на сите онеправдани да им го овозможиме и мирот земски и, нивното враќање кај семејствата, кај најблиските. Нивното враќање во секојдневието кое им припаѓа. Зашто, да не заборавиме, еден од нив, еден од уставобранителите, Игор Југ, чие срце не ги издржа неправдите, веќе го заслужи Царството небесно токму зашто беше гонет заради ПРАВДАТА.

Токму затоа, да погледнеме во очи на суровоста на нашето секојдневие, да се соочиме со луѓето од кои, еден голем дел, преку корупција и непотизам, како составен дел од македонскиот правосуден систем, ја добиле највеличествената обврска – да ја штитат ПРАВДАТА. Да се соочиме со оние кои, имајќи срамни два проценти доверба од граѓаните на Македонија, наместо да ја штитат, ја уништуваат ПРАВДАТА. Да се соочиме со нивната неправда, а тие, недопирливите, да се соочат со нашиот гнев. Да се соочат со гневот на онеправданиот народ, со гневот на гладните и жедните за правда.

И, бидејќи и најдолгиот пат започнува со првиот чекор, да започнеме со чистење на оние корумпираните убијци на ПРАВДАТА, за да им овозможиме на чесните и праведните да седнат во фотелјите на Јустиција. Чесните и праведните кои ги има во гнилиот систем на правосудството, а кои се поттурнати од нечесните, како единствен гарант дека ќе се заситат сите гладни и жедни за правда.

Можеби токму првиот чекор е и оној најтешкиот, но, еднаш мораме да зачекориме. Да зачекориме во вистинскиот правец во борбата за толку посакуваната ПРАВДА.

(авторот е претседател на МААК)