Страшо АНГЕЛОВСКИ

По завршувањето на Руско-турската војна и потпишувањето на Санстефанскиот договор, се јавува незадоволство кај Австроунгарија, Британија и Франција, бидејќи, според нив, на Русија и биле дадени преголеми отстапки. Русија, според нив, преку територијата на Санстефанска Бугарија, добила излез на Егејско море се’ до Солун и Кавала, па тие, под закана со војна, го иницирале одржувањето на Берлинскиот конгрес во јуни/јули 1878-та.

Конгресот имал за цел – нешто што и денес звучи многу познато – да го спречи руското влијание на Балканот и, нормално, да го прошири нивното влијание со, на пример, доделувањето на Кипар на Велика Британија, а Босна и Херцеговина на Австроунгарија. Притоа, Србија, Црна Гора и Романија да добијат независност, а Бугарија статус на вазално кнежевство во рамките на отоманското Царство.

Според член 23 од Берлинскиот договор, Македонија се конституира како автономна област во своите геополитички и етнички граници во рамките на отоманското Царство. На овој начин, уште тогаш Македонија станува субјект во меѓународните односи и се здобива со признавање  како “етнички територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправување“.

ПРВАТА И ВТОРАТА БАЛКАНСКА ВОЈНА

За да не се измачуваме со веќе познатата историја, само ќе напоменам дека Првата балканска војна бил воен судир меѓу Бугарија, Србија, Грција и Црна Гора, кои стапиле во Балкански сојуз, против Османлиското Царство, а заради ослободување од петвековното османлиско ропство.

Во меѓувреме, Бугарија, Грција и Србија воделе свои непрекинати пропаганди на територијата на Македонија, со цел да придобијат што повеќе т.н. “национални приврзаници“, кои би се искористиле како “внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии. Притоа, воделе и жестока дипломатска војна во докажување на своето “право“ врз Македонија. Грчкиот конзул во Цариград, Евгенијадис, на пример, сметал дека Македонија треба да остане под османлиска власт се’ додека грцизмот не успее да ја освои власта, додека Белград и Софија се залагале за поделба на Македонија по принципот 50:50.

Токму затоа, заради меѓусебниот антагонизам и претензиите над Македонија, Балканскиот сојуз многу брзо бил раскинат и започнала Втората балканска војна, позната уште и како Меѓусојузничка војна. Довчерашните сојузници влегле во крвава пресметка за Македонија, притоа, меѓу другото, мобилизирајќи стотина илјади македонци, секој на својата страна.

Епилогот е добро познат – Букурешкиот договор, поделбата на Македонија и привид за затворање на македонското прашање. Проклетство кое го следи Балканот повеќе од едно столетие. Проклетство кое, по целосното отворање на македонското прашање со осамостојувањето на македонската држава на само еден дел од својата, според Берлинскиот договор, “етничка територијална единица со елементи на своја самобитност и самоуправување“, упорно не им дава мир на големодржавните аспирации на соседите.

НОВ ОБИД ЗА ЗАТВОРАЊЕ НА МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ

Она што денес се случува, претставува повторување на историјата, од која, за жал, никој ништо не научил. Повторување на историјата, не како фарса, туку многу поизгледно, како трагедија.

Оние кои ги поттикнуваа Балканските војни ветувајќи им територии на нашите соседи, а всушност се бореа за сопствени сфери на влијание пред повеќе од едно столетие, Велика Британија и Франција, повторно ја поставија сцената на Балканот. Ги разместија своите оловни војничиња на бојното поле распослано пред нив. И повторно истата реторика од Берлинскиот конгрес од 1878-та и Берлинскиот процес денес и, повторно истите цели тогаш и денес – “да се спречи руското влијание на Балканот“ и да се затвори македонското прашање.

И повторно Србија, Грција и Бугарија шират свои пропаганди во Македонија со цел да придобијат што повеќе т.н. “национални приврзаници“, кои се користат како “внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии. И повторно Атина сака да ја сочува вештачката творба Северна Македонија се’ додека грцизмот не заврши со освојување на власта, световната преку Заев и узурпираниот СДСМ и, духовната преку грчката црква на Патријархот Вартоломеј.

Софија и Белград, секој на свој начин се борат за своите вековни аспирации. Софија со уцени преку европската наддржава, ЕУ, во обидот да го докаже бугарскиот карактер на Македонија, а Белград преку соросовата иницијатива “Отворен Балкан“, за која еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји бесрамно ќе излаже дека “идејата за Отворен Балкан е осмислена од регионот и поддржана од ЕУ“. Вистината е дека идејата е осмислена во монструозната лабораторија на Сорос и наметната од ЕУ преку Берлинскиот процес кој одвреме навреме заживува.

Сето ова како несопирливо да го вовлекува Балканот во неговата Трета војна за територијата на Македонија и затворање на македонското прашање и светот, во неговата Трета војна за сфери на влијание толку потребни на неолибералниот империјализам.

Зашто, да не заборавиме, Првата и Втората балканска војна со неуспешните поствоени решенија беа вовед во Првата светска војна и милионите жртви. Да не им дозволиме на империјалистите да ни ја повторат историјата тројно пожестоко. Заради опстанок на генерациите по нас!

(авторот е претседател на МААК)