Страшо АНГЕЛОВСКИ
Текстов е предизвикан од три случувања во минатата седмица и, секако, ќе биде мојот најкус текст до сега, затоа што личноста за која е наменет не заслужува ниту ред повеќе.
Се’ до почетокот на дваесеттиот век големата британска империја не дозволувала во Велс да се говори на велшки јазик, кој спаѓа во групата на келтски јазици, поточно во британската подгрупа и се нарекува Cymraeg. Големите британски “демократи“ниту во училиштата на велшките деца не им давале можност да го изучуваат како свој, мајчин јазик. И, доколку чуеле некое од децата да говори на велшки, му закачувале на вратот дрвена плочка на која пишувало “WN“ (Welsh Not), или “Велшки Не“. Плочката ја поместувале од едно на друго дете, онака како ќе го чуеле да проговори на велшки, а она дете кај кое ќе останела на крајот од денот, добивало ќотек.
Пред некој ден, Зоран Заев, “по грешка“, заради годините што му натежнале (46), на социјалните мрежи, во едно свое обраќање, ја употреби “идентитетски забетонираната“ придавка “македонска“(репрезентација). Откако од “демократска“ Атина му подвикнаа дека придавката не смее да се користи, тој, како дете фатено со рацете во теглата со мед, се извини и “вети“ дека тоа повеќе нема да му се случи. Дали се уплаши од можноста, на вратот, наместо вратоврската што му ја подари на Ципрас, грчките “демократи“ да му закачат дрвена плочка на која ќе пишува “MN“ (Macedonian Not), односно “Македонски Не“, или дека ќе добие ќотек на крајот од денот, тој самиот си знае.
Нам, за жал, ни останува горчината на душа предизвикана од неговото самопонижување и прашањето дали денес, длабоко во 21-от век, демократска Атина веќе “штанца“ дрвени плочки на кои пишува “MN“ (Македонски Не) и кои ќе ги закачува на вратот на секој што ќе говори и мисли на македонски, па дури подготвува и дрвени ластегарки со кои, на крајот од денот, на непослушните, оние со придавката “македонски“, ќе им удри ќотек?
Деновиве, тој истиот, се обиде, според ПР инструкциите, онака лежерно, да напише нешто на училишна табла во некое училиште небитно каде. И, се’ ќе беше во ред доколку барем успееше да ги погоди тие неколку напишани букви. Човекот кој “извонредно течно“ говори и српски и англиски, успеа и училишната табла да ја зацрвени од срам од неговата неписменост.
Нам, повторно, за жал, ни останува горчина на душата од сознанието дека наспроти многуте суперхерои кои ги има светот, како Супер-мен, Спајдер-мен, Бет-мен… нашиот, македонски “суперхерој“ е Непис-мен.
Токму затоа, го забележувам и третото случување од седмицава што помина, а се одвива во САД.
Група од 14 членови на Републиканската партија, во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, поттикнати од се’ позачестените гафови на претседателот на САД, Џозеф Бајден, а со образложение дека американскиот народ “заслужува целосна транспарентност во поглед на менталните способности на својот највисок избран лидер“, во писмо испратено токму до него, бараат од Бајден да “изврши тестирање на своите когнитивни способности и да ги објави резултатите од тестирањето, за, американскиот народ да знае какво е менталното и интелектуално здравје на нивниот претседател“. Ова, уште повеќе, бидејќи, како што велат, “менталното пропаѓање на Бајден во последните 18 месеци станува се’ повидливо“.
Токму затоа, според американските демократски вредности кон кои, нели, стремиме, бидејќи македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија заслужуваат целосна транспарентност во поглед на МЕНТАЛНИТЕ СПОСОБНОСТИ на премиерот, ги повикувам пратениците од опозицијата да побараат од Заев да изврши тестирање на своите когнитивни способности и да ги објави резултатите од тестирањето, за, македонскиот народ да знае какво е менталното и интелектуално здравје на премиерот. Ова уште повеќе што на “старост“ (возраст од 46 години), прави грешки (употребувајќи ја бетонски забетонираната придавка “Македонска“) за кои потоа мора да се извинува, што говори за можно ментално пропаѓање во последниве 48 месеци.
Без зла намера, во интерес на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во склад со американските стандарди, норми на однесување и вредности кои треба да бидат имплементирани. Ни повеќе, ни помалку.
(авторот е претседател на МААК)