Навистина и годината е со голем услов, ама во јуни 2019-та, ако сме живи и здрави и ако преживее и ЕУ, ќе ни ги мерат колку корнишоните ни се позелени, а френките поцрвени, па ќе размислат дали да почнеме нешто што Турција го почнала пред само 13 години. Ајде мајкатааа…

Целоoo вреееме, го донеееле Заееев да го продадеее името… Ајде мајкатааа! Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух и додека ме држи памет… од дедо, баба, татко, син, ќерка… сите сме Македонци. Не постои роден човек во Македонија кој ќе бара промена на Устав заради промена на уставното име на Македонија…

Ајде мајкатааа! Удрете се в чело, бидете креативни како северномакедонскиот октроиран премиер, и од два ипол пати погодете, чии се изјавите од почетокот на текстов. За интелектуалците кои примаат највисоки донации за пропаганда, или му се восхитуваат од заблуденост, дозволено е да го погаѓаат и од четири ипол пати. А врвните интелекти, и самобендисани умови, што му солат ум на народот и ги зашеќеруваат успесите на нивниот водач, може да погодуваат и до пет ипол пати.

Браво, сите погодивте! Тоа не е слеп, тоа е очиклениот водач на Македонија, кој завчера уште еднаш ви ја „кажа вистината в очи“ дека Илинденска, пардон, дека Северна Македонија добила датум за почеток на преговори со ЕУ. Ајде мајкатааа!

Добро, не бидете ситничари. Не се потресувајте како Македонец на банкарски шалтер, кој си ја подига просечната плата од 500 евра. Не е ни прв, ни последен пат да ни ја каже „вистината в очи“. Транспарентно, креативно, со дебата… Ако не добивме датум за преговори, добивме барем цела година дена, фабриките за еуфорија да не хранат и појат со пропаганда дека одиме напред, дека е направен голем пазар со името, дека на референдум треба да изгласаме капитулантски договор…

Навистина и годината е со услов, но во јуни 2019 година, ако сме живи и здрави и ние, но ако преживее и ЕУ, ќе тестираат колку корнишоните ни се позелени, а френките поцрвени, за да размислат дали да почнеме нешто што Турција го почнала едвај пред 13 години, во 2005 година – почеток на преговори… Ајде мајкатааа!

Трговецов, со минатото и иднината на Македонија, знае што прави. Не е тој слеп водач, како оној од познатата сатира, туку тој си има гратис или скапо хонорирани следбеници, кои толку далеку гледаат. Не е тој до толку, Господе прости, колку што мислите дека е неочиклен водач. А тоа му се отежителните околности. Продава име на држава, ама неговите фирми добро му работат. Не само нему, туку и на тие што околу него му шлапкаат со дланки, со усти или со статуси на корнишон – политиката и на домат – дипломатијата.

Но, зборот беше за лагите и вистината. Добро е познато, или барем би требало да биде, дека тиранската платформа и двојазичноста се плеткаат само во главите на вмровчиштата. Ама не и во главата на оваа персона, која не дозволува да му чепкате во македонската жичка, ниту пак во главите на интелектуалната елита која го слави како светлина од Бога дадена за Македонија. Гратис или за дебели хонорари. Вмровчиштата го обвинија дека сакал да воведува двојазичност на целата територија на Македонија, а ниту беше донесен таков закон, ниту некој од пратениците на водачот гласа за таков закон. Ајде, мајкатааа!

А тој, по цела ноќ не спие, џабе ги тутка пегланите пижами, дури и аболиција би одбил, само за иднината на Македонија. Особено за економијата. За да ја качи платата на просечни и мизерни 500 евра. Лавовски се избори и ги изненади и најскептичните светски економски прогнозери, со неговиот историски подвиг на БДП од 0,1 отсто. Дури некои тврдат дека успеал да го искачи „бдпто“ и на рекордни нула отсто, а трети и дека сме во рецесија. Ајде, мајкатааа!

Злобниците можат да зборуваат што сакаат, но за економијата, особено за една гранка од економијата, можат да му симнат и капа и кече. Само тие што не гледаат метро ипол пред себе, и тие што не можат да предвидат каде ќе стигнат по минута и пол, следејќи го водачот, гледаат дека очиклениот добил и датум за почеток на преговори, дури и малку Илинденска, пардон, Северната подвлегла во ЕУ…

А останатите, кои Господ ги казнил да гледаат подалеку од метар и минута ипол не можат да видат дека пред очи ни цвета најпрофитабилната гранка од економијата – турбо работат сите фабрики за производство на еуфорија. И за производство на пропагандни ЕУ-наполитанки, НАТО-вафли и муртинска лимонада… За гладниот и жеден народ за производи од индустријата за лаги и еуфорија.

Како таков производ на фабриките за еуфорија ќе го проголтаме и ЕУ-датумот за преговори, што всушност не сме го ни добиле. А како компензација за тоа што водачов, наводно, го продал името на државата како да е негова вратоврска. Но, никогаш на водачот на Илинденска односно на Северна Македонија, не му чепкајте во Уставот и во жичката македонска.

И додека дишете, додека го дишете овој илинденско-македонски, овој северномакедонски воздух, додека ве држи памет (види видео) верувајте во вистината дека ни дале датум за преговори барем исто толку колку и во лагите дека „го донеееле Заееев да го смени имееето…“ Ајде, мајкатааа!

Димитар Грумар

Зоран и Заев

Го донеле Заев да го продаде името … Ајде мајката ….

Gepostet von Чао Заев am Freitag, 22. Juni 2018