Во пресрет на второто гласање за договорот со Грција во Собранито на РМ, очигледно започна новата тура притисок врз Иванов за тоа дека тој е должен да го потпише Указот за ратификација на Законот за Северна Македонија и за граѓаните на РСМ. Не е сосема јасна целта на тој притисок, зашто за Иванов враќање назад нема. Тој веќе посочи дека според неговото мислење станува збор за договор кој потпаѓа дури и под Кривичниот законик на РМ, да не зборуваме за останатото, а до отстранувањето на тие пречки, нема да дојде и во тоа можете комотно да се обложите. Оттука, јасно е дека Иванов и по второто гласање нема да може да го потпише Указот, дури и да прифати дека е должен тоа да го стори, зашто во тој случај, по истиот параграф, ќе мора да го потпише и Законот за јазиците. А тоа не е можно, без тој самиот целосно да се поништи, независно од тоа дали и на какви уцени е изложен. Всушност, работата во поглед на потписот на Иванов отиде премногу далеку за да може тој да се повлече, па макар имало и десет гласања во Собранието и макар Уставот го толкувале Ципрас и Заев заедно.

Но, дури и да прифатиме дека Иванов е должен да го потпише Указот, не постои начин тој да биде натеран да го стори тоа. Всушност, без оглед на нервозата кај СДСМ која е очигледна, станува збор за судир меѓу законодавната и дел од извршната власт, односно меѓу Собранието на РМ (кое функционира врз нелегална основа со оглед на тоа како е избран Талат Џафери за негов претседател) и претседателот на државата (кој таков недостаток нема, па макар Артан Груби се обесил на првото дрво зборувајќи за неговата нелигитимност). Меѓу нив нема супремација со оглед на уставната определба за еднаквост на трите власти, а згора на тоа, и претседателот, како и пратениците, е избран на непосредни избори (и тоа без мешетарење на странски фактори), па и тука не може да се бара некаква поволност за СДСМ. Напротив.

Според Уставот на РМ, судирот меѓу нив го решава Уставниот суд. За да дојде до тоа, односно за да може предметот да стигне до таа комична институција, потребно е двотретинско мнозинство гласови во Собранието („Постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката покренува Собранието со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници – член 87 став 2 од Уставот), а тие 80 гласа СДСМ и ДУИ во овој момент ги немаат. Значи, импичмент нема.

Сепак, да претпоставиме дека 80-те гласови би биле обезбедени. Во тој случај, нелегалната власт ќе влезе во авантура со не баш извесен бенефит. Имено, постапката пред Уставниот суд на РМ може да трае со месеци, а на крајта, за да биде утврдена одговорност на Иванов потребно е ново двотретинско мнозинство, овој пат во Уставниот суд, а тоа значи шест од деветте гласови на уставните судии.

Толку гласови во Судот, СДСМ и ДУИ немаат, но ете, пак, да претпоставиме дека ќе ги обезбедат. Во тој случај би се донела одлука дека Иванов е одговорен, но со таа одлука, повторно нема да се обезбеди негов потпис на договорот со Грција и на Законот за јазиците. Имено, при таков развој на настаните, на Иванов по автоматизам би му престанала функцијата претседател на државата, па наместо да добијат потпис, СДСМ и ДУИ ќе мора да одат на нови претседателски избори, што повторно ќе трае неколку месеци во кои Указот би бил без потпис.

Друга е работата што и на тие нови претседателски избори не е сосема сигурно дека би победил кандидатот на СДСМ и ДУИ. Посебно што Албанците не ќе можат да отстапат од тоа дека идниот претседател мора да биде Албанец или некој кој би бил прифатлив за Албанците, што по автоматизам ќе му прелее гласови на другиот кандидат – тој на ВМРО-ДПМНЕ. Така што, иако патот до нови претседателски избори преку кои СДСМ би сакал да дојде до потпис на договорот со Грција и Законот за јазиците е долг, крајта на тој пат не е сосема извесна, па оттука, за Заев и неговите останува да се обидуваат, заедно со нивните ментори, да вршат притисокот и евентуално да уценуваат. Но, како што реков, тука нема враќање назад.

Но, еве по трет пат да се послужиме со претпоставка и да замислиме дека Иванов ќе го стави својот потпис на договорот со Грција по неговото второ гласање во Собранието на РМ. Тоа повторно не носи ништо за СДСМ бидејќи договорот изрично бара промена на Уставот (преамбулата и секој член во кој е употребено името Република Македонија или придавката изведена од тоа име), а со промена на Уставот е врзана и поканата за НАТО и преговорите за ЕУ. За промена на Уставот, како што е познато, на СДСМ и ДУИ им се потребни 80 гласа во Собранието, а не потпис на Иванов, кои, како и за поведување на постапка против претседателот, во овој момент ги немаат.

Се на се, целата оваа работа се сведува на неколку моменти, а тие се дека Иванов не може да се врати назад, дека СДСМ не може да му покрене постапка за импичмент, дека и да успее во тоа, од целата постапка нема да види никакво фајде зашто тоа води кон нови претседателски избори, а не кон потпишување на указот за договорот за Северна Македонија и дека на СДСМ му треба промена на Уставот, а не потпис, што е основно барање на Грците, на НАТО и на ЕУ, а Заев и неговата компанија тоа во овој момент не можат да го изведат.

Оттука, за СДСМ всушност има две можности, а тие не се врзани со Иванов. Едната е да оди на нови парламентарни избори на кои со ДУИ, БЕСА итн. би добил двотретинско мнозинство во парламентот, што без фалсификат не е можно. Во рамки на ова, се размислува за планот Б, кој подразбира на тие избори да се оди без техничка Влада во која ВМРО-ДПМНЕ би ги добило МВР и другите функции кои што ги имаше СДСМ минатот пат, што за опозицијата би било неприфатливо, па СДСМ и албанските партии, во отсуство на ВМРО-ДПМНЕ, би ги добиле сите 120 пратенички места (некое место би можеле да остават за некоја удбашка партија која би глумела опозиција). Како тоа би заваршило, со оглед на атмосферата во јавноста, не е сосема извесно, но идејата би била дека со репресија, населението кое би било против еден таков фалсификат, бргу би било замолчано. Дали во тоа би се успеало? Кој знае! Но, треба да се има в предвид и дека на НАТО и на ЕУ не им одговара една ситуација во која власта би предизвикала немири против огромно мнозинство од населението и во која комплетно би го свртело истото тоа население не само против СДСМ, туку и против нив.

Затоа, останува втората варијанта како најизгледна – а тоа е референдум, кој би се распишал согласно член 73 од Уставот, за што се потребни гласовите на 61 пратеник и потоа, фалсификување на тој референдум и задолжително применување на одлуката донесена врз основа на тој фалсификат.

Имајќи го ова предвид, станува јасно дека притисокот врз Иванов и петелчењето на Џафери дека ќе ги објави Законот за јазиците и договорот со Грција во Службен весник без потпис на Иванов се всушност обид, на грбот на договорот со јужниот ни сосед, користејќи ја меѓународната поддршка за тој договор, да се протне двојазичноста без претседателски потпис. Така доаѓаме до тоа дека целта на овој притисок е во двојазичноста, а не во договорот со Грција или во двата закона заедно. Односно, ако притисокот успее, да се добие потпис на двата укази. Со еден удар, две муви.

Друго е прашањето што ако во тоа не се успее и законите бидат објавени без Иванов, Џафери тоа би го направил чувствувајќи се сигурен дека како член на ДУИ, за него ни во минатото, ни сега, ни во иднина ќе важат законите на РМ, но би ја довел во неизвесност судбината на многу други кои на еден или на друг начин ќе бидат поврзани со тој криминал.

Како и да е, заканите и уцените очигледно почнаа, при што сосема е јасно дека ова е само загревање. Каков ќе биде крајот? Извесен. Сеедно што никој не веруваше ни во крајот на СССР и СФРЈ. Нели? Иако, рака на срце, да ни кажеше некој во 1990 година дека тој систем ќе се врати, и тоа во полош облик од тој што го познававме, во негова бугарска, романска и источно германска варијанта, тешко дека некој ќе поверуваше.

Дарко Јаневски