Господа свиркачи и диригенти на свиркачкиот оркестар, вашава логика ја навредува интелигенцијата и на мајмун, а не на човек. Бидете покреативни кога кажувате „само вистина“
Порано ги викаа кодоши, со модернизацијата станаа шпиони, денес еволуираа во свиркачи. Станува збор за иста или дибидус идентична категорија. Тие, од најдолниот ред, со векови омразен род, најкукавички, сега ги промовираат во херои. Имаше предлози и за одликувања за јунаштво, за партиското кодошење. За тоа што партал ги направија безбедносните служби, а мивка државата.
Се извртеа еден милион приказни за тоа кој, како и зошто прислушувал, кој со години ги полнел со барут бомбите на Заев, за тој да „сруши режим со пенкало“. И, сигурно нема да останеме со тој милион. Постојано се трупа пропаганда, па на народот веќе му е преку препонот од политичкиот фестивал, кој трае со години. Сега со турбо завршни сценски приредби, со соло настапи на популарни обвинителки или дуети, на судските подиуми и прес-сали.
Зборот во оваа милион и прва приказна е за кодошите, шпионите или ај нека биде модерно – за свиркачите. Тие, ај што ме прават будала, ама прават да се чувствувам идиот, кога се трудат да бидам повеќе будала отколку што сум. Нека ви бидат вам јунаци. Нека ви бидат и народни херои. Дајте им се што сте наумиле, за душа од името на државата, на која душата и ја извадовте. И така раздавате на сите страни. Кому име, кому историја, идентитет…
Но, навредува едно. Народната вели „ај што ме лаже, ама уште и право в очи ме гледа“. Иронијата да е поголема, свиркачот, не гледа преку мониторот и не тера да му веруваме на неговата „само вистина“.
Па, вели: „Проблемот со тоа што има толку многу снимки со криминал на функционери од ВМРО-ДПМНЕ не е само затоа што они беа на власт, туку и што они не можеа ни да помислат дека Мијалков и Груевски ги слушаат. ДУИ и СДСМ пазеа што зборат на телефони, но ВМРО-ДПМНЕ сите криминали ги правеа по телефон, никогаш не можеа да помислат дека некој ги слуша, уште помалку, па дека некој ќе ги изнесе тие снимки надвор од ДБК“!
Дали свиркачов се слуша што зборува кога говори „само вистина“?
Значи неговата логика е: Груевски и Мијалков, не само што им местеле стапица на своите вмровци, туку си местеле стапица и сами да се фатат во неа!? Бре! Тоа е навредување на интелигенцијата на секој човек што поседува барем уши да го слушне ова, ако не и некој грам мозок.
Логиката на свиркачот, и на оркестрите што ја трубат пропагандата, упатува на заклучокот: Сите од ДУИ, од СДСМ и останатите, знаеле дека ВМРО-ДПМНЕ прислушува, а само ВМРО-ДПМНЕ кој прислушувал, не знаел дека прислушува!? Како во песната за Радин мост „сите им кажаа на невестите, само не и кажа најмалиот…“
Логиката на свиркачите е дека Груевски и Мијалков, всушност, сакале да им прават забава на Ѓорѓи и Ѕвонко, а тие пак да му го организираат концертот на Заев, преку менаџерот Верушевски. Според оваа „само вистина“, Груевски и Мијалков биле тотално наивни, сами се прислушувале со цел Ѕвонковци, Ѓорѓиевци и Верушевци да добијат се што им треба, за да ја урнат ВМРО-ДПМНЕ од власт. И конечно, Груевски и Мијалков сами си се прислушувале за свиркачите да станат херои, а тие двајца денес да се влечкаат по судови!?
Господа свиркачи, и вие диригенти на свиркачкиот оркестар, вашава логика ја навредува интелигенцијата и на мајмун, а не на човек. Бидете покреативни кога кажувате „само вистина“, како што бомбашите се „креативни“ во наоѓањето решенија за промена на името, историјата и идентитетот на државата, поради што и почна бомбашкиот процес.
Наивно ви е објаснувањето зошто нема бомби за СДСМ, за ДУИ итн. И смешно ви е тврдењето дека вмровци „сите криминали ги правеа по телефон“. Освен ако не убедите да ја прифатиме логиката дека вмровците мазохистички правеле се за да го донесат „преродбеникот“ Заев на власт. И Македонија да ја направат најпонижена земја во светов!?
Уште еден детал од самопризнанијата на свиркачите. Тие, осоколени, и според нивно признание, во режимот биле чувани како птици-пејачки, па во најосетливиот дел од државниот организам, во безбедносните служби, се забавувале како некогаш во интернет-кафе. Еве што сами изјавуваат:
„За илегалното прислушкување, јас и Ѕвонко разбравме некаде 2008-ма. Почна да се шушка за тоа низ МВР, а ни пукна филмот некаде 2010-та, кога почна да се затвора А1. И решивме да реагираме, да ја известиме јавноста. Па, почнавме да ги вадиме бомбите од 2011-та до 2014-та, кога ме уапсија. Значи околу 3 години. Ги вадевме на ДВД цедиња, а потоа и на УСБ стикчиња. Ѕвонко имаше пристап до базата каде се чуваа. Изненадени бевме со која леснотија ги извадивме снимките од системот. Имаше на располагање многу снимки, Ѕвонко ги бираше кои да се вадат, гледавме да нема приватни афери туку само кршење на закони“, вели Ѓорѓи, еден од двајцата, како што ги претставуваат – херои од ДБК, потоа ги дале снимките на Зоран, кој пак ги однесол на Бихаќка.
Баш им било забавно. И тоа цели три години. Кога земале плата за да ја јакнат безбедноста на граѓаните. Тие начекале гумно и бирале „да нема приватни афери“. Како (што не беше) онаа со „криминално“ еротско телефонско стенкање на пратеничка и вицепремиер. И мноштво слични снимки, за кои свиркачите биле „изненадени со која леснотија ги извадивме од системот“.
Затоа, свиркачи, диригенти и оркестри, уживајте во „херојството“. Но, не не правете малоумни со „вашиот подвиг“. Зашто свиркачи кои со своите дела државата ја фрлаат на колена, и на кои партијата им е поважна од татковината, се само партиски јунаци. И тоа со краток рок на употреба. И ништо повеќе. Времето ќе покаже. Еден ден можеби на виделина ќе излезе објективно вистината за „бомбашкиот процес“ и ќе дознаеме „кој го уби Рацин“. Но, за жал, мало фајде од тоа. Зашто од вашите бомби унакажана е Македонија.
Димитар Грумар