Мајката на Шаренкапа ги собра вестите за кодошлукот на Шарениот дипломат и од социјалните мрежи. Таа на Фејсбук има повеќе пријатели отколку што има првачиња во повеќе земји со низок наталитет и висок раст на паради на гордоста. Како и на штрајкови на сексуалниот пролетеријат
Мајката на Шаренкапа стана рано изутрина и, како сите модерни мајки кои ја следат технолошката мода, наместо да сучи и реже цедиња, на уесбе ги спакува сите вести што на сите режимски радија и телевизии ги објавија за бомбата од Викиликс за кодошлукот на Шарениот дипломат.
Потоа претрча до најблиското тобако каде што ги купи сите неколку режимски весници и списанија. Нережимски ич не ни побара. Оти мајката на Шаренкапа е информирана како Мосад. Знае дека џабе ќе бара нешто што веќе одамна нема. Откако дојде живот за сите, изумреа нережимските весници и списанија.
Мајка и на Шаренкапа ги собра и вестите за кодошлукот на Шарениот дипломат објавени на сите, ама баш на сите, режимски портали. Прибра и разузнавачки информации од социјалните мрежи. Таа на Фејсбук има повеќе пријатели отколку што има првачиња во земји со низок наталитет и висок раст на паради на гордоста. Како и на штрајкови на сексуалниот пролетеријат.
Откако ја наполни кошничката со разузнавачки информации за баба Ција, која живееше во куќаре во шумичката на Калето, ја пробуди Шаренкапа. Ја дотера во шареното фустанче и шарената капа, поради која сите ја викаа Шаренкапа.
Девојчето тргна низ бетонската шума од згради кај баба и Ција. Радосна што со бабата ќе направат селфи со новиот мобилен со две камери. Бабата беше здрава како дрен. Сеедено и беше тоа што кога ќе влеземе во ЕУ и НАТО ќе има бесплатно здравство за сите. И секоја баба ќе може со сино картонче бесплатно да оди на европските клиники да си ја провери реумата. Со приоритетен упат. Како што пред референдум вети премиерот кој никогаш, никого и за ништо не излажал…
Шаренкапа попат слушаше музика од мобилниот, кога одненадеж на патеката кон Калето, ја пресретна Шарениот дипломат. Девојчето ги извади слушалките од ушите, и од учтивост, за да го слушне што ја прашува. Тој потпрашуваше и ја провоцираше Шаренкапа да дознае што повеќе информации за тоа каде тргнала и што носи. Таа со детска наивност се му кажа. Дека оди кај баба и во куќарето на Калето и дека кошницата и е полна со тазе вести од Викиликс за бабата.
Шарениот го фркна дипломатска јанѕа. Промрморе нешто и со брзи чекори се изгуби. Шаренкапа си ги стави слушалките во ушите и кроце-кроце продолжи каде што беше тргнала…
Кога стигна во куќарето на бабата Шаренкапа не мораше да ѕвони на ѕвончето оти вратата беше отворена. Влезе и се зачуди од куртоазниот поздрав на бабата која и пружи рака под чуден агол, како дипломат, а не како што порано се поздравувале. Девојчето забележа дека наметката е од бабата, ама чудно и е лицето на бабата:
– Бабо ма, зошто ти се толкави очите?- зачудена беше Шаренкапа.
– За да гледам далеку до Софија- одговори бабата која ни по гласот не личеше на баба и Ција.
Шаренкапа пак ја погледна:
– Ау, бабо, кога ти пораснала толкава бемка?
– Хи, хи… се искикоти бабата, која и по смеењето не личеше на баба Ција. – Убава ми е бемката!- се насмеа чудната баба.
– Ама многу е голема бабо. Во неа собира и микрофонче и скриена камера – детски забележа малата.
Очите на Шаренкапа видоа дека на бабата Ција и ушите и пораснале.
– Бабо, зошто и ушите ти станале како сателитски антени?- одвали малата.
– За да слушам што се шепоти од Атина- одговори бабата со пораснати бемка и уши.
Девојчето не беше навикнато од баба и Ција да слуша така дипломатски одговори. Забележа дека и рацете на чудната баба и се поинакви:
– А зошто ти се толку нежни рацете?- праша девојчето.
– Поради ќерка ми! Само тие што имаат чисти раце може да добијат државна стипендија за ќерките и синовите да студираат во странство…
Лажната баба не ја доврши мислата, кога одненадеж се појави вистинската. Баба Ција излегла до маркетот да купи ѓевреци. И, со нејзиното доаѓање, во куќарето од баба Ција, на Кале, пукна брука…
Но, како и да не се случила. Оти не само во дворот на баба Ција, туку и во големиот државен двор се случува само тоа што ќе објават медиумите. И тоа режимските, зашто нережимски како и да нема. Зашто и тие што ги има објавуваат само „лажни вести“ за шарената демократија.
Појаснување: Тие што инсистираат да се појави Шумарот во скаската за Шаренкапа, тој еве не се појавува. Може и да е уапсен. А за обвинение сега барем е лесно. Ете, на пример, како терорист или непријател на шарената демократија оти не бил доволно шарен ни во униформата.
А тие, пак, што очекуваат светски демократски грмеж за Шумарот во нашава прикаска, џабе го очекуваат. Светот баш го заболе принципот за нашиот Шумар, ако тој не прифатил да се вика Северџан.
Димитар Грумар