Денеска се навршуваат 1006 години од Битката на Беласица. Кога професорот пак би ме прашал „има нешто нејасно“, одговорот ќе биде „да, има“. Еве, на пример, за 14.000 ослепени војници на Самоил: колкава била надмоќта на Василие Втори да направи злосторство какво што нема слично во историјата
Убаво прашуваа учителите по историја на крајот од секоја лекција: Има нешто нејасно? Молчевме и им дававме индиректно одговор дека се ни е јасно. И во основно, и во гимназија, како и со професорката по историја на факултет. Сепак, не сме знаеле дека има нешто што не ни е баш јасно. Кога се мешаат митовите и историските вистини, за настани кои се случиле пред еден милениум.
Денес, кога професорот или професорката пак би прашале „има нешто нејасно“, одговорот ќе биде „да, има“. Еве, на пример, за Битката на Беласица, за 14.000 ослепени војници на Самоил и за надмоќта на војската на Василие Втори, која направила злосторство какво што нема друго слично во историјата.
Денеска се навршуваат 1006 години од овој историски настан. Во вакви пригоди се пишува, се говори, се прераскажува за големите настани и така се надополнуваат знаењата и празнините од лекциите што останале нејасни.
Од учебниците е познато дека битката на Беласица била решавачка помеѓу Византија и Самоиловата држава. Таа се одиграла на 29 јули 1014 година и завршила со пораз на Самоиловата војска и со заробување на 14.000 до 15.000 војници кои потоа биле ослепени по наредба на византискиот император Василиј Втори. Откако Самоил ги видел своите ослепени војници починал од срцев удар, а тоа претставувало почеток на крајот на Самоиловата држава, која постоела од 969 до 1018 година и е позната како Самоилово царство.
Нејасни прашања, кои требало да им бидат поставени на професорите кога ја предавале оваа лекција би биле: Колкава надмоќ му била потребна на византискиот император за да зароби 15.000 војници? Ако се има предвид дека во тоа време војувањето било копје со копје, штит со штит, „калашников“, други автоматски пушки и рафали не биле измислени, а надмоќта била во вештината на држење и ракување со штитот и копјето…
Како и со колку своја војска Василиј Втори успеал да зароби 14.000 до 15.000 Самоилови војници? Денес кога толкава маса луѓе се и публика на стадион, или на некаков протест, тешко се контролира од полиција наоружана до гуша, а во случајот на 15.000 заробени станува збор за војска со копје и штит. И, во денешено време, 15.000 војска е солидна армија на средна земја по големина.
Во историските читанки пишува дека пешадијата на Самоил била опремена со штит кој имал елипсоидна и тркалезна форма и копје со знаменце и висулки, а била вооружена и со мечови и лакови за фрлање на стрели. Коњаницата, пак, била подобро опремена. Војниците биле облечени различно, во зависност од социјалниот статус и носеле од селска облека до најбогата опрема. На главата носеле шлемови, а поголемиот дел од телото им било покриено со железо.
Но, добро, ете се случило 15.000 добро обучени и вооружени воини да ги фрлат копјата и штитовите, ама дури и голораки, колку сила му требало на Василиј Втори за да ги држи под контрола 15.000 мажи? А веќе е речено дека Василие Втори немал ни автоматски пушки, а за тенкови да не стане збор. Колкава ливада е потребна за да се наредат 15.000 војници за да им ги вадат очите?
Како што е познато од историските читанки, по заробувањето на војниците доаѓа најтрагичното. По победата над цар Самоил, императорот Василиј Втори наредил, според некои извори 14.000, а според други 15.000 војници, кои биле заробени да бидат ослепени. На секој стоти војник му било оставано по едно око за да ги води војниците кај царот.
Изреката вели дека тешко е да му се дадат очи на човек, за вадење е лесно. Но, и покрај тоа што за правење зло не треба премногу напор, сепак, да се извадат очи на 14.000 или 15.000 војници е огромна операција. Притоа силите на Василиј Втори тоа го правеле на најпримитивен начин и со најпримитивни орудија. Освен тоа дека на професорите би им кажал дека е нејасно, како 14.000 или 15.000 воини стоеле мирни да им ги вадат очите, нејасно е како тие ги издржале не само болките, туку како ја преживеале таа примитивна „операција“?
Нели и тогаш луѓето биле од крв и од месо како денес? Орудијата со кои им биле вадени очите не биле стерилизирани. Настанот се случил среде лето, кога е најжешко, и кога ризикот од компликациите од инфекцијата на раните е голем. Зарем по вадењето на очите не доаѓало до искрварување?
Како е можно луѓе со извадени очи и отворени рани, со примитивни средства, среде лето да пропешачат од Беласица до Прилеп, а притоа да не искрварат до смрт или смртта да не настапи од инфицирање на отворените рани? Во лекцијата пишува дека глетката била премногу болна за Самоил, кој се разболел и умрел по три месеци на 6 октомври 1014 година.
Замислувам денес опериран човек. Без анестезија. Со нестерилна опрема, без преврски… И колку би можел да преживее, дури и без пешачење во најголемите летни жештини?
Дали тие луѓе пред илјада години не биле од крв и од ова месо од кое сме денес?
Димитар Грумар