Дарко ЈАНЕВСКИ

Бугарите, посебно овие во Македонија, беа пресреќни со Заев и неговата тајфа од Димитров, Шеќеринска и воопшто целата таа компанија. Зашто, конечно се најде некој кој потпиша таму некаков документ со нивниот Бојко, конечно почна да се остварува нивниот сон дека ете, на крајта се најде некој кој сите Македонци ќе не прогласи за Бугари.

Беше бадијала да им укажуваш дека ако тргнале по умот на некој црпнат од нива, и тие не се баш далеку од тоа. Беше бадијала да им укажуваш дека потпишале договор со наследниците на УДБА – токму тие кои ги кодошеа, ги затвораа, против кои се жалеа и се жалат… Ама што би рекле старите – кус ум, весел и долг живот!

Но, ете, со тој нивен ум, Бугарите од Македонија и Бугарите од Бугарија, станаа ортаци со Заев. И со тоа станаа крпа за бришење под. Штом нешто не му оди на Заев, тој ги вади Бугарите на површина. Кога требаше да го покрива Филипче за Тетово, прво, со оној со исушената рака и клетва од „баштата му“, го измислија т.н. нон пејпер за односите со Бугарија. Кога тоа не успеа, освен кај пар бабулиња, Заев се послужи со трикот со бришење на „бугарскиот фашистички окушатор“. На општа екстаза на крпата за бришење под, која уште не сфаќа дека денес, за 10 евра, Заев ќе се колне во Бугарите со рака на срценцето, а веќе утре, за 11 евра нема да се колне во нив, туку ќе им праќа клетви. Како, на пример, „да му исуши раката на оној кој…“!

И сега, по поразот на Шилегов во првиот круг и кога се чини дека истото ќе се случи и во вториот, Заев и тајфата пак бришат под со Бугарите обвинувајќи ја Арсовска дека имала бугарски документи. Демек, нема пострашно од тоа. Така, бугарските документи и самите Бугари, и тие во Македонија и тие во Бугарија, станаа како страшило за гаврани на нивата од која е црпнат Заев. Има ли нешто попонижувачко за една националност како Бугарите, има ли нешто попонижувачко за една држава како Бугарија, од тоа да правиш од неа страшило, по теркот на оној билборд смислен од недокваканата пропаганда на Заевци, на кој Арсовска е претставена како кмет на Петрич.

Што по дефиниција значи дека ниту еден од таа бугарска група од Македонија која деновиве се влажни поради приемот кај Радев и кај Бојко кои немало да ја пуштат Македонија во ЕУ, нема шанса ни да помисли да има некаква функција во Македонија. Оти да имаш бугарски документи, да си Бугарин – според ова „дно на дното“ од кампањата на Заев и тајфата – очигледно е најлошото нешто што за еден граѓанин на Македонија и за еден Македонец може да се каже.

Но, тоа што човек сам на себе може да си го направи, неговиот непријател не може ни да го сони. Така и за „репресираната“ бугарска маса во Македонија, заедно со нивната логистика во Бугарија.

Настрана тоа пто Арсовска негира, што СДСМ мафта со документ на извесна Даниела, а не Данела…. настрана тоа што во СДСМ не би смееле ни да помислат да спомнат такво нешто ако Арсовска, на пример, навистина има странски пасош, но американски, германски… Можете ли да замислите билборд со Арсовска на него и со натпис во грд контекст, на пример „mayor of LA“ наместо „кмет на Петрич“? Дали треба во оваа, не многу интелигентна бугарска приказна на СДСМ да ја вметнуваме и Грција? Што ако Арсовска нема бугарски документи, туку има грчки документи? Ќе смее ли тогаш некој да писне со „кмет на Солун“?

Всушност, се работи за катастрофална грешка на комуњарската пропаганда, која ја отсликува нивната ментална матрица. Тоа е таа стара удбашка школа. Да не се навраќаме на времето на бугарските летоци од деведесетите, за кои тогашното ВМРО на Љупче на Снешка го обвини нашиот другар Тито, па во 1999 година дури формираше и Анкетна комисија за тие бугарски летоци со Александар Флоровски како претседател (не знам дали Флоровски во меѓувреме се прекрстил, зашто Александар е грчко име?).

И по 30 години од тие времиња на бугарските летоци, сега пак ја имаме истата приказна. Тогаш со папата Бранко, денес со „Европеецот“ Заев кој не’ смирил со сите соседи, вклучувајќи ги и Бугарите, ама нив, час ги бакнува, час ги фрла во тоалетна шолја. А тие му пијат вода од замирисаните чевли, кои можеби се подарок од оние со кои Милчин изведе „перфоманс“ пред Владата на Грујо!

И наместо СДСМ-овците да нагазат со тоа со што го почнаа во првите денови по 17 октомври – мобилизација на своето гласачко тело и пасивизирање на другото, комуњарскиот ум заигра на бугарската карта преполна со лицемерие и хипокризија кои ќе предизвикаат само помасовна излезност на другата страна во полза на ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска. Зашто тие кои останале дома во првиот круг, играјќи си некаква неутралност и тие што беа крајно десно, па му беа лути на ВМРО и бојкотираа, сега, реално, ќе ги фати инает. Не мора заради ништо друго, туку заради споменатите лицемерие и хипокризија на Заевци и СДС-овци кои час не прогласуваат сите за Бугари, се бакнуваат со Бојко, го продаваат Гоце Делчев, ете слушнавме и „велелепно“ откритие старо 100-тина години дека Јане бил чувар во Дупница…, а час прават страшило од Бугарите. Ако не јадеш од ручекот, ќе ти дојде некоја Бугарин, е новата СДСМ-овска закана кон децата, наместо старата од наше време со мечката!

И, нормално, луѓето во недела ќе излезат. Зашто меѓу арогантниот, безобразниот, дрскиот („никад да не ме гласаш више“) Шилегов, кој две недели е како маченце и смирената Арсовска, чија кандидатура се појави во време на некоја си кампања „НЕ за насилството врз жените во политиката“ – изборот за тие луѓе се чини е еден! Вклучувајќи ги тука и тие луѓе кои во овие некоку години имаа дузина замерки кон ВМРО-ДПМНЕ.

Да не зборувам за вчерашната реакција од Владата на Заев која вели:

„Деновиве сведочиме за постапки и изјави од Бугарија кои македонските граѓани не ги доживуваат пријателски, но убедени сме дека двете држави и двата народи решението ќе го најдат низ дијалог“.

Јасно ви е за што зборувам? Тие кои од Бугарите направија страшило, тие кои ја ставија Арсовска на билборд  како Бугарка, тие кои цела недела водат кампања која дури и за наши услови е грда, сега ги обвинуваат Бугарите за „постапки и изјави“ кои не се непријателски, ама кои „македонските граѓани“ ги доживуваат како такви (не Македонците, туку македонските граѓани), а во финишот на приказната себе се глорифицираат себе како „месии“.

Со други зборови, црни се работите, ама ич гајле да си немате, оти две илјади години по Христос, на Земјата се спушти Заев. И тој и неговите се државата, тие се „народот“ кој со Бугарите ќе најде решение за нечии туѓи постапки и изјави кои македонските граѓани лошо ги перцепирале.

Така што, не се секирајте. Што и да се случи, тука е Заев. И тука се Димитров, Шеќеринска, Филипче, Царовска… И Шилегов, како шлаг на тортата. Всушност тој не е шлаг. Тој е вишната на шлагот на тортата. Одгаена во не знам која земја, каде вишните не се кисели, туку благи. Оти кога се од СДСМ, не можат поинакви ни да бидат.

Кога на сето ова ќе се додаде дека „комуњарите“ побуделеа низ цела Македонија, па поткупуваат, се закануваат, следат, глумат лудило, демек ќе прават пресврт…, ќе се види дека полека доаѓаме до нивниот крај во недела, после што го чекаме Заев во понеделник со оставка.

И тука би требало да е крајот на една приказна, а почеток на друга – таа со ново мнозинство во Собранието, нова Влада и избори. Каква ќе биде таа? По ѓаволите, ќе видиме од понеделник. Денеска е петок!

И патем, да не заборавиме – ни доаѓа зима во која нема да смеете дури на самоубиство да извршите со струја, зашто потомците ќе ве колнат не затоа што сте се убиле, туку затоа што сте потрошиле некој киловат повеќе за самоубиството. „Па што не зеде јаже како сиот нормален свет, кај најде со струја да се убиваш, проклет да бидеш!“

А, ни доаѓа и вирусот (видете како ние со 14 отсто позитивни на ден од тестираните сме мирни, што значи дека не истренираа како овци кога влегуваат во трло дека 500 заразени дневно и 10 мртви од Ковид не се ништо страшно), ни доаѓа поскапување на храната, бензинот, облеката… Но, зар вреди да се биде до толку ситничар! Ви се молам!