Смислиле кампања „Со ум до антикорупциски бум“. Бог да чува! Некои се смеат, ама не е за смеење. За скокање и радување е! Оти велечествениот слоган, сигурно мислен со месеци и веројатно пријавен во Фондот за иновации за да се искешира нешто, покажува дека интелектуално напредуваат. Со страотни чекори. Па, еве, по три години предавства и апашлук, сега веќе стигнале до ниво кога можат да смислат рима („ум-бум“, „коси-носи“, „баба-жаба“).
Дарко ЈАНЕВСКИ
Од друга страна, ете им го и ортакот Груби на исто ниво, па вчера го искара Заев за тоа дека „политичарите лупаат глупости“ и му одговара со она: „Кој си вика за себе си вика“! Веројатно и запеал „та-на-на-на“, покажувајќи со стиснатите тупаници една врз друга, ама камерата не го фатила тоа. Сепак, од една страна Груби предизвика општа радост во МК (виде што му кажа, а?), а од друга, ги впрегна „аналитичките“ и „интелектуалните“ умови на Северна и на несеверна Македонија да се мислат за последиците од оваа трауматична размена на великоумни пораки меѓу еден кандидат за Нобелова и еден кандидат… па и тој нека биде за Нобелова, зошто да не.
Сепак, и покрај ваквиот евидентен напредок на интелектуалните капацитети во „Блескаме“ и надвор од „Блескаме“, зашто тоа е како вирус и се шири од еден на друг, нели е малку прерано себеси да се врзуваат за „ум“? Не од друга причина, туку да не се умислат, па да престанат да напредуваат. Оти, допрва треба да стигнат до „Мими има мама…“, што е веќе сериозен предизвик за нив, иако овие новиве генерации компјутерски деца, ја учат додека им се пушта играта. Но, тоа не е причина да не ги поддржиме „Блескаме“ во нивната храбра борба да стекнат знаење. Зашто, колку повеќе време им треба за „Мими има мама…“ толку помалку време ќе им останува за апашлук. Затоа сите рацете горе и со „ум во антикорупциски бум“.
Вчера пак, се собрале демек „културните“ во државава, па бараат некаков колективен. Не се собраа кога Владо Јовановски и Игор Дурловски беа во притвор за џабе. Јок! Не се собраа кога МОБ им стана Национална, наместо „Македонска“. Не, не, ќе оделе они во ЕУ со НОБ наместо МОБ (патем и оној другиот НОБ гледам ќе им го снема)! Не се собраа кога Филхармонијата им стана безимена. Ќе пееле и свиреле во Миланска скала, зашто Европјани биле, што ќе им е „Македонска“. Не се собраа кога им го судеа Михајловски за говор на омраза, еј, говор на омраза во ретардирана држава со насилно и со пуч инсталирана влада и судство кое не постои. Ама, Европа не дозволувала говор на омраза, а они како докажани Европјани, не можат тоа да го трпат. Се разбира, омразата важи само кога вмровците говорат, ама нели, тие и онака се небањати, колку и да сакаат да бидат бањати наместо бањатите. Не се собраа ни кога… Впрочем не е веќе битно кога се не се собраа, ама битно е што, ако мислат дека по сето тоа некого му е гајле за нивниот колективен, тешко згрешиле. А зошто пак ние овде би се грижеле за тоа, кога и онака Европа се грижи. Па нели затоа потпишувавме договори? И кои сме сега ние да се мешаме во нејзините работи, а палјачовци?
Заев пак вели дека во Арачиново не ветиле „300 пилоти“ туку „пилот-проекти“. Што е сериозна разлика, оти едно е да леташ со авион, друго е да леташ со умот. Па да ветиш 300 пилот проекти на митинг во општина во која нема канализација. Па сега луѓето веќе не се смеат, туку корнат коса. Оти ниту пилоти видоа, ниту проекти добија. А, баш ќе им личеа 300 авиони Ф-16 во Арачиново. Оти само тие им фалат. Том Круз и Кели мек Гилис веќе ги имаат.
Така што, подобро ќе беше Заев да се држеше до 300-те пилоти наместо да се префрла на проекти. Мислам, се виде дека во Арачиново пилотите поминуваат. Луѓето очигледно сериозно сфатиле. Е сега не се исполнило што се ветило, ама луѓе сме. Кај и да е, ако не овој мандат, во некој друг…
Мицкоски, пак, и честита преку видео порака на ТВ Канал 5. Ги совладала предизвиците во овие 20 години. Да, ги совлада. А со Канал 5 и ВМРО. Оти Стојменов е доказ дека кога ВМРО ќе вети пилоти и авиони исполнува. Заев – не!
Добро е што изборите не се пилоти. Па бидејќи Заев е човек од збор, човек на место, еве пред некој ден некој пензионер кој уште не стигнал ни до песнички со рима, му побарал да го посвои, ветил дека ќе има предвремени избори. Во редовниот термин во октомври наредната година. Но, од друга страна, октомври навистина е пред декември. Што повторно е напредок. И како што гледате, тој напредок го имаме секој ден, во секој поглед.
Во меѓувреме ни дадоа да ја глодаме Фросина Ременски. Немам поим дали мувала нешто или не. Ама не ми е јасно: како тоа чисти како солза бизнисмени, туку така од ракав давале стотици илјади евра на Боки?
Патем, белким е јасно дека ова е надвор од „Рекетот“ со Орце Камчев. Таму заврши работата. А, ако заборавивте, Орце му полнеше торби на Боки, вечерта едниот гледаше фудбал со Бобо, другиот вечераше со Рада компируша. На која МВР на Мијалков и Јанкуловска и поднесуваше пријава за некоја кирија од 5000 евра. И која сега скоро била на вечера во САД со Заев и Срѓан Керим. Ортакот на истиот Орце и истиот Сашо. А Јовче на Фросина во меѓувреме го префрлиле кај оној Виктор Димовски. За кој ВМРО нешто држеше прес конференции. И така стигнуваме пак до песничките со рима. Ги сфаќам комуњарите зошто се држат до нив како „слеп за стап“. Најбезбедно е така. Значи, Мими има мама и мама има Мими. Или што би рекол Благоја Чоревски во „Болва во уво“: „Јас сум глуп, јас сум глуп…“. Но, за да не мислите дека се е така црно, знајте дека голема утеха е кога сме класична сатисфакција за оној кој го измислил слоганот дека „лудиот го таквува збунетиот“. И обратно.
Попат, читам некои комити ќе правеле ВМРО-вистинско. Не им чинел Мицкоски. Демек, да ја сменел реториката. Што е фина забелешка. Посебно кога ја слушаш нивната реторика која звучи како да била напишана. Како на Катица одговорите за интервју. Што е напредок за пишувачите, бидејќи Катица тешко читаше. Овие изгледа научиле. Па, го пушташ Павароти или можеби Дурловски и викаш „фуј“. Ми пречи на ушите. Гребат. И ги пушташ „реторичариве“. Мелем за уши, мелем за душа. Башка што дознаваш како се чувствуваат оние мечки што порано ги носеа по пануѓури за да играат додека им свират.
И после одиш во аптека, купуваш неколку пакетчиња куртони, ги делиш наколу, си ги ставате на глава и основате и вие партија. Кога можат тие, можете и вие, зошто да не. Не чини повеќе од неколку стотини денари за пакетчињата. Настрана што не сте сами. Ќе добиете помош од некои шарени кои исто така ќе основале партија. Што веќе сериозно е сериозно. Како кога морници од убавини ти поминуваат низ телото. И си велиш: Не сум живеел залудно, кога ова дочекав да го видам.
Во меѓувреме на Косово победи Курти. Оценето е дека Харадинај и Тачи се доволно искомпромитирани и дека не можат било што да повлечат. А типов не крие што сака и дека е за менување на границите. Што со себе ќе повлече и други граници. теренот за тоа, барем кај нас, е поставен. Па ако досега беше „Македонија од три дела, цела да е“, сега ќе биде „Македонија од пет дела…“. Ама нема белким да ситничариме за некој дел, плус-минус. И така, додека јавно сите зборуваат дека се против, на дело очигледно сите се „за“. Но, зошто тоа би ве интересирало? Видете некоја фискална ако има за скенирање, врзете го мозокот во крпче и блескајте. Не секогаш имате ваква шанса.