Дарко ЈАНЕВСКИ

Многу врева се дигна за укинувањето на историјата како посебен предмет од страна социологот Мила Царовска. По фински модел. А всушност се работи за техничка грешка на Заев. Тој во Финска сакал да го прати Филипче, за да види зошто таму имаат само 80 починати од Ковид 19 на милион жители, а ние над 1000. А Царовска требало да оди во САД, каде историјата е на ниво на предмет без кој не се може. Американците можеби не знаат каде е Европа, а за Австралија мислат дека е ориентално јадење, но не може да не ја знаат својата историјата. Е, така и требало да биде – Филипче да научи како да имаме помалку мртви од Ковид во Финска, а Царовска да научи што прави најнапредната земја во светот со историјата.

Арно ама, како што велат, ѓаволот ни ора ни копа. Па така додека Заев зборувал со Порошенко и Грета Тунберг по телефон, хигиеничарката ги измешала пликоата со пораките и авионските карти. Па Филипче отишол во САД и се вратил цел насмеан: „Шефе, види, ги надминавме Американците. Тие имаат 900 мртви на милион жители, ние 1 100.“

Царовска, како што ја дал горниот, исто така дошла окезена: „Шефе, блескаме повеќе од Финска. Тие нешто оставиле од историјата, ние ќе ја укинеме“.

Се разбира, Заев не ја дослушал, туку ја избркал зашто ќе требало два дена да ја слуша додека оваа зборува, зборува, зборува… Погледнал на часовникот, а тој му вели: „Шефе, ако ја оставиш да зборува ќе не фати не 2021, туку 2025…“ И ја избркал. Не дослушал.  Оти, каков-таков, сепак е премиер, нема баш толку време… Плус има бизнис човекот. Краставици, канабис…!

После тоа, Царовска даде изјава дека тоа што се прави е за децата да учеле помалку факти, а повеќе да размислувале. Не е јасно меѓутоа како Царовска успеа да го изговори глаголот „размислување“, оти тој баш не е многу познат во одредени опркужувања. Како што не е јасно и како децата повеќе ќе рамислуваат за фактите, ако помалку ги знаат. На пример, има причина зашто Илинденското востание е кренато на 2 август 1903. Ако не го знаете тој факт, како ќе размислувате за тоа што размислувале Илинденците при одредување на датумот?

Од друга страна, на пример, на времето во комунизмот, имаше една професорка по историја која, на прашањето „кога почнала Втората светска војна“, како грешен го сметаше одговорот „1 септември 1939 година“. И велеше: Седи, не знаеш ништо! Зошто, кога  во секоја енциклопедија, во секој учебник стои дека Втората светска војна започнала токму на тој датум!?

Затоа што жената бараше да се размислува и да се најде коренот на таа војна која формално навистина започнала на тој датум. Па одговорот требаше да биде дека тој корен лежи во светската економска криза од 1929-1933 г. (Германија е најпогодена од таа криза, наспроти мсилењето дека тоа се САД). А дека коренот на таа криза во Германија е во инфлацијата од 1919-1923, дека коренот на таа инфлација е во договорот од Версај, дека тој договор е последица на Првата светска војна, а дека таа, пак, е последица не на убиството на австроунгарскиот претстолонаследник во Сараево од страна на Гаврило Принцип, туку на доцното формирање на Германија како држава во 19. век поради што таа задоцнила во поделба на колониите во светот. Но, за да дојдеш до сите тие корени на еден настан, мораш да ги познаваш фактите. Фактите за создавањето на германската држава, за почетокот и крајот на Првата светска војна, за тоа кои санкции им биле наметнати на поразените, потоа фактите за големата депресија, за доаѓањето на Хитлер на власт…

И како ќе го постигне ова Царовска? Така што ќе ја спои историјата со географијата. Фино, многу фино. Ама така е тоа кога хигиеничарката ги измешала пликоата.

Патем, дали некој ќе ги учи децата повеќе да размислуваат или помалку, а Царовска на студии по социологија изгледа не научила да размислува ни помалку, ни повеќе, не зависи од тоа дали ќе биде укината историјата како посебен предмет, туку зависи од професорот. И од тоа како е составен учебникот. Ама и ова е факт за кој очигледно, кога Царовска учела, социологија де, образовниот систем не ги учел студентите да размислуваат.

Инаку, учебникот по кој предаваше спомената професорка беше од редот учебници по историја во кои стоеше дека Бугарија ја окупирала Македонија во 1941 година, дека Грција го окупирала егејскиот дел на Македонија во 1912/13 година, тоа беа учебници во кои за Србија не стоеше дека е окупатор на Вардарска Македонија од 1912 до 1941 година зашто бевме братски народи, потоа пишуваше дека Македонија во Букурешт 1913 година е поделена, дека македонскот народ постоел години и векови наназад, значи едно чудо факти кои требаше да се научат. Па потоа за нив да се размислува. На пример, зошто имаме „експерти“ кои на Стево Љубави му рекле дека Гоце е Бугарин, а овој како професор, без да размислува, тој т.н. факт го сфатил како апсолутна вистина.

Ама, пак, од каде ние да знаеме за тоа. Всушност, кога ќе ја чуеш Царовска како зборува, имаш две опции: или да се самоубиеш, само да престане таа мака за вашите уши, или да кажеш – нека биде се’, нека биде и дека Гоце е Бугарин, ама нека е и Грк и Турчин и Албанец во исто време, само нека престане ова мачење. Мачење кое се состои во тоа да ја пуштиш Царовска да зборува, а ти да мораш да ја слушаш. А таа зборува, зборува, зборува…

Во меѓувреме, во главниот град на бугарска Вардарска Македонија, кој сега има две имиња – Скопје и Шкупи – а во иднина веројатно ќе му остане само второво, Катедрата при историја на Филозофскиот факултет во Шкупи, пишала писмо дека потегот на Царовска е скандалозен. Не знам што мислеа курлињата оттаму (што би рекол Димче уставниот, советникот на Катица), кога Заев и неговата тајфа го укинуваа и продаваа Александар и со брусилици го бришеа Сонцето од Кутлеш. Не знам што мислеа кога Заев кажа дека Драги Ѓоргиев и неговите договориле пет личности од историјата по седми век, не знам што мислеа кога нивниот претседател Стево кажа дека Гоце бил Бугарин… И не знам што мислеа кога премолчуваа и премолчуваат дека имаме таква комисија и со Грција и дека и таму им договараат што ни е дозволено, а што не по историјата.

Е, а знаете ли тапчовци каде е роден Гоце? Во Килкис, не во Кукуш. Во Кукуш е роден за Бугарите. За нас е роден во Килкис. А знаете ли дека не смеете на децата да им објасните зошто Грците го запалиле тој Килкис во кој е роден Бугаринот, а не Македонецот Гоце, до темел и дека тој не постои веќе 107 години? Знаете ли дека во таа Македонија немало и нема Македонци, зашто ако имало и ако има Македонци тие се всушност Грци? А ако за Бугарите Кукуш е Кукуш, а за нас е Килкис, тогаш Гоце само по себе му доаѓа дека е Бугарин?

И навистина, што мислевте тогаш? А? Дека нема и вас да ве укинат? Дека некако ќе преживеете, ќе се провлечете? Шутраци, со самиот факт што за вашиот предмет одлучува некоја си нафатирана невладина дистрибутерка на презервативи, и што тоа не ви пречеше додека не ви дојде водата до грло, се чини и не заслужувате повеќе од спојување со географија и со тоа колку тони јаглен произведува Кина секоја година.

Патем, продолжува здружениот поход на удбашите, комуњарите и комитите против Бугарите. Не дека тие не го заслужија ова, но факт е дека ни дел од ова немаше кога Грците не прогласија за три коси црти, кога Стево ни го прогласи Гоце за Бугарин… И одеднаш кога на политичкиот врв на Северна, многу пред нас му беше кажано дека од преговори нема ништо, падна наредба за претставата. Бугарите ни ја фрлија коската за Втората светска војна и за Тито, а ние, лејки какви што не дал Господ почнавме да ја лигавиме. Иако, не е сосема јасно како тоа постојат Македонци во 1941, ако не постојат во 1903, односно ако нивниот водач, човекот за кого Пандо Кљашев вели дека „дошол големиот, најголемиот меѓу големите“ е Бугарин. Како тоа постоеле Македонци во 1941, ако тие во 1903 не биле од Кукуш, туку од Килкис. Ако Илинденско востание не биле кренато во Костур, туку во Касторија. Хммм, чекај, прво, изгледа дека со ова и објавувам војна за територии на Грција, а патем, ако Касторија е грчка, за што кренал востание Чакаларов (се сеќавате на овдешната хајка кога му се поставуваше споменик дека тоа не треба да се прави зашто тој е Бугарин?) За да може грчка Македонија да се ослободи од Османлиите, а тој потоа да ја припои кон Бугарија и така да ја отргне Македонија од својата грчка матица? Се слушате ли?

На сето ова, „комити на батерии“, ни го донесоа на помош и шарениот Дарко Митревски кој само до пред некоја некоја година му се потсмеваше на историското ВМРО, пишуваше дека во време на Букурешкиот договор немало македонски народ и дека „патетична лага на македонската историографија“ е дека во 1913 година соседите не поделиле како гладни волци! Ете со тој Митревски комитите ќе не спасуваат од Бугарија. Истиот тој чија фина душичка во 2017 година се напатила зашто Владо Јовановски бил во „За заедничка Македонија“ и влегол во Собранието на фамозниот „27 април“ одработувајќи така за Груевски. Заедно со Дурловски, со Дамовски, со Бетмен, со Ченто, со Горан… И кога го плукаш Владо, всушност ги плукаш сите нив. Ги плукаш и внуката на Питу Гули која беше говорник на митинзите, внуката на Мисирков – покојната Елена… Ама што ти е гајле. Играш на картата на кратко помнење на народот. И на карта на комити кои имаат комплекс на помала вредност од оние кои што ги колнеа и бараа затвор за тие од „За заедничка Македонија“, за кои се’ од таа 2017 г. беше во главата на вмровците и во главата на Грујо, па за да го бутнат Заев, на тие комити сега им се потребни „шарените“ кои го востоличија истиот тој Заев на власт со цел да го направи сето тоа што денес го прави.

Е, ама така Заев ќе падне кога… Хммм, кога? Еден убав ден. Кога принцот ќе ја бакне Трнорушка и таа ќе се разбуди од сонот. И кога другиот принц ќе ја бакне Снежана, па и таа ќе стане, ќе отиде со него и ќе стане сосетка со Трнорушка. И секое утро, двете заедно ќе си гледаат на кафе. И во шолјите ќе гледаат едно чудо шутраци.

Всушност кога се ќе соберете, ќе видите дека има смисла. Ако ние, како што тврдат Бугарите постоиме од 1944 година, а АСНОМ во таа година е резултат на Втората светска војна, во која во Македонија и Југославија ккао победници излегоа комунистите, тогаш, ја добиваме целата слика. Ние всушност самите одработуваме, самите ги потврдуваме тезите на Бугарите за Македонците како комунистички произход. Тоа е толку едноставно. И се чини, Борисов, Захариева и Каракачанов воопшто не се толку „т’пи, ама упорити“. Се чини дека е токму обратното. Се чини токму тие докажуваат колку сме ние т’пи.

И некако полека станува се појасно дека сета артилерија кон Бугарите почна да се испушта откако на шарената компанија на власт и беше кажано дека за датум ќе почека. И одеднаш, сета молчелива багра, а тука спаѓаат и дузина комити, која наведнато го прими Преспанскиот договор, која молчеше и за Договорот со Бугарија тогаш кога се потпишуваше, сега одеднаш сфати дека Захариева и Каракачанов биле лоши, биле „Бугари“ за две црвени (внимавајте, Бојко во приказната го нема или го има само спорадично, па ако тоа не ви е доволно дека здружените бугарско-бугарско-македонски сили не влечат за нос, тогаш…) биле се’, само не некакви, туку сега, секогаш и во сите времиња – никакви. И дека, кога така стојат работите, Заев цврсто застанува на браникот на татковината. Така, тој и неговите шарени сега херои. Тие го спасуваат идентитетот на Македонија кои ни го загрзуваат Бугарите врз основа на договори кои токму Заев и оној со исушената рака ги потпишаа.

Само едно нешто не е јасно во оваа приказна. Ако Бугарите сега ни го загрозуваат македонскиот идентитет и јазик, тогаш тоа значи дека Заев бил во право кога тврдел дека со Преспанскиот договор тие ни се зачувани и дека тој Преспански договор е добар. Ако пак не се сочувани, ако од Преспа наваму сме три коси црти и ништо повеќе, тогаш што е тоа што загрозуваат Бугарите? Ни ги загрозуваат трите коси црти?

Е, да, можеби има нешто друго. А тоа нешто друго е дека Грците и Бугарите ги имаа поделено улогите. Па Грците ни ја земаа едната рака и едната нога, а ние молчевме. И ракоплескавме со другата рака и нога и со протезите кои Грците ни ги позајмија за да го одработиме ракоплескањето. А Бугарите се обидуваат да ни ги земат другата рака и нога од идентитетот. И прашуваат: Зошто бе мрсници се буните, кога веќе еднаш се согласивте?

А, можеби и не е така. Можеби Грците го нацртаа проектот и удрија темелот, а сега Бугарите се само подизведувачи. Толку е едноставно!

Патем, еве уште еден доказ за ова и за недоветноста и на македонската јавност и на македонското новинарство (се извинувам на исклучоците):

Две-три недели поминаа од онаа прес конференција преку видео врска на Драги Ѓоргиев од северна страна и на Ангел Димитров од бугарска страна. Овој вториов тогаш јасно ни кажа дека нивното инсистирање на бришење на придавката „македонски“ се должи на Преспанскиот договор. Што мислите, кого прашале тие за тоа?