Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
Клучното прашање кај новиот државен јавен обвинител не е дали тој ќе биде владин, невладин или опозициски играч, впрочем државниот обвинител секаде е политички играч (ако се сеќавате, кога своевремено изби аферата со прислушувањето на Меркел, обвинителот отвори предмет, а потоа му свртеа телефон и тој експресно го затвори, откако се виде дека работата е срамно комична за сите инволвирани западни служби), туку е дали тој ќе влезе во историјата на Македонија или не. Дали неговото име ќе биде запишано, потцртано или ќе остане на нивото на Јовески и Коцевски.
Шансата ја има, тоа е едната страна, другата страна е дека наспроти шансата што ја има, против него е, или ќе биде, целата правосудна мафија во оваа држава. Што се виде и по првото одбивање од страна на Советот на ЈО на неговиот предлог за шеф на Вишото јавно обвинителство да биде Костеска Здравеска зашто била спомената во бандитските бомби на Заев и на целата таа криминална компанија (затоа беше битно Костадиновски од Уставен, кому претседателка на Судот му беше Кацарска, наместо да се расправа со Гаши што е недозволиво, да ја среди таа работа со бомбите и СЈО без оглед што е предметот историја, ама бадијала муабет).
Сега бадијала е да зборувам и за тоа дека целата таа обвинителско-судска структура за која бомбите се се уште битни требаше да биде фрлена на водите на Вардар уште пред две години. Сто пати сум пишувал и зборувал за тоа. Но, Савески ќе мора, како и многу министри во своите ресори, ако треба и сам да ја води нашата, македонска Сталинградска битка или битката при истоварувањето во Нормандија и, не само да ја води, туку и да ја добие. Триумфално, со поставување на знамето на Рајхстагот.
Првата битка е таа за „27 април“ (и 80-те пријави за минатата власт кои лежат во фиоки). Тој како тогашен судија на претходна постапка учествуваше во одредување притвор на обвинетите за лажното, непостојно дело за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста (чија лажност многу пати во детали сум ја објаснувал) и сега има шанса сето тоа да го поправи. Зашто јавноста во Македонија мора да знае како беше местен целиот случај, кој се беше уценуван, како беа изнудувани изјави, како Рускоска и Кацарска се согласија да водат и пресудат за дело кое не постоеше, зошто и како тоа помина кај Апелациониот и Врховниот суд. Како и зашто беа уценувани оние осумте од ВМРО – Канчевска, Мукоски и целата таа компанија, со што беа ставени в џеб, што украле, а што не украле, кој ги уценуваше, на кој начин, зошто и крадците и уценувачите не се в затвор кај Утковски, кој сигурен сум, ќе им гарантира безбедност, и тоа безбедност од 102,3 отсто што би рекол славниот Амди Бајрам.
И можам до утре да редам што се треба да се направи. Нема да ми биде прв пат. И дека уште на почетокот, треба да се види и што е со главата на рибата која смрди – Зоран Заев. Но, по трет пат го употребувам зборот бадијала – не вреди да редам. Вие самите тоа го знаете.
Тоа што е битно е дека Савески, како што реков има шанси од овој народ да биде воспеван и овој народ да го внесе во историјата. Не историјата на Северна. Историјата на Македонија.
Зашто овој народ има право да живее. Мирно, без стрес, да оди на работа, да седне потоа на кафе, зошто да не – и на по едно капаче од шишето со ракија и третинка домат како салата (толку дозволуваат жените, а и лекарите), да ги шета децата в парк (тоа, по ново, а богами така беше и по старо, го прават татковците, додека мајките на сонце пијат ладно розе од мала чаша и оговараат за таа која не дошла, повремено надгледувајќи “тој нивниот“ дали го чува добро бебето), овој народ има право да се радува и да тагува, да се смее и да плаче, да се сака и да се мрази, ама не затоа што животот му зависи од оваа или онаа власт, туку затоа што таков е приватниот живот. Овој народ има право да се лечи во пристојни услови, како што и лекарите имаат право да лечат во такви услови, без да чекаат по два месеци за снимки или резултати од онаа патологија каде можете, не дај Боже да заглавите и тоа сосема „дебело“ додека душата ви е во петици од страв за тоа што ќе покаже биопсијата… Овој народ има право да ги школува своите деца во современи училишта, со мотивирани наставници и професори, во крајна линија овој народ има право да живее во нормална, средена правна држава и како што реков, да плаче, да тагува, да се смее или да вреска од радост, ама за својот приватен живот, а не затоа што тешко крпи од први до први додека муртински криминалци прават журки на јахти и во Дубаи, а тој ги дава последните 30 денари, броени по денар или два за диазепам.
А без правосудството ништо. Тоа е сегментот кој треба да го крене на нозе овој зомбиран народ. Бадијала новата власт или барем некои од нив работат од утро до мрак кога на пониско ниво се е заглавено. Со кремирани умови кои не можат да мрднат подалеку од својата безидејност и со филозофијата на покојниот Колозов од Македонските приказни која вели „пиј си тутун, пиј си каве, азното се должни да ти го дадат“. И во овие услови, речеси е невозможно да ја покрнете државата на некој колосек од 5 отсто пораст на БДП годишно, а да не зборуваме за постигнување како тоа на долгодишниот кинески воз кој јуреше со 7-8-10 отсто БДП годишно (во сосема други глобални услови) во текот од две, па и повеќе децении.
И тој систем мора да се покрене. А за да се стори тоа, од некаде мора да се почне. А тоа би бил правосудниот темел на старата „мала куќа на крајот од преријата“, нели?
Во спротивно, ако Савески не успее, ако не успее Мицкоски кој самиот е свесен па вели дека нема веќе да имаме репризи зашто за нив нема ни време ни прстор, нема да биде битно кој е виновен. Во тој случај нема да ни остане ништо друго освен на оваа држава да и ја отпееме „Словенска“, со тоа што ќе ја прекрстиме во „Македонска“, а во која се вели:
„Ако умрам млад, на гробот посадете ми само рузмарин. И не дозволете тогаш да направат од тоа тажен трет чин“.
Толку ќе биде. Без говори и без ловорики. Тоа ќе биде крај кој започна таму некаде во 1903-та, продолжи во 1913-та и сега останува само уште финалето.
Овој пат краток број на редови, но понекогаш, како што веќе еднаш напишав, „има зборови кои вреди да се одмолчат“. За добро, не за лошо!




