Дарко ЈАНЕВСКИ
Има повеќе од триесет години, мене ми изгледа како да поминале сто, во дресот на истиот овој Вардар, кој вчера и завчера, онака маестрално „ги истресе“ и Барса и Веспрем, игравме во Ниш. Град кој го биеше глас дека ги има најубавите жени во Југославија и можеби меѓу најдобрите ракометари во Србија. И град, кој не го биеше глас, туку во кој навистина, половина војска беше од Македонија, а од таа половина, половина беа од Скопје.
Млад, добар, всушност, не добар, туку одличен тим. Лесно поминавме со сите, на ред беа нишлиите. Полна сала, тврди домаќини, уште потврд натпревар. Гол тие, гол ние, промашување тие, промашување ние. Се додека одеднаш, таму некаде при крајот, не ни отежнаа и нозете и рацете. Не знаете како е кога на нив ќе почувствувате синџири. И немоќ. Страшна немоќ. По што доаѓаат една-две лоши топки и загубен натпревар. И пријатен пат за Скопје.
Подоцна сфативме дека бевме подобри, дека можевме да ја „оладиме“ полната сала, дека можевме да се вратиме како победници. Како што сфативме и дека тоа не се случи затоа што немавме срце. Знаевме, бевме добри, можевме, но немавме срце. Ни душа. Зашто доаѓавме од земја во која децата не ги воспитуваат да победат. Доаѓавме од земја во која децата ги воспитуваат да бидат на „че“. Македонче!
Затоа, подоцна, тие деца виткаат кичма. Својата, а после, ако можат, и туѓата. Така се научени. Затоа и само ние го имаме вицот за кубурата која ја чуваме за не дај Боже.
Не беа различни ни другите. Ние пред нив, тие пред некои трети. Погледајте го видеото за тоа како еден велемајсторски, вселенски состав на Црвена Ѕвезда, како фудбалски вонземјани како Савичевиќ, Стојковиќ, Просинечки, Михајловиќ, Панчев, Најдовски, со страв играа против германскиот Баерн во нивната европска шампионска година. И само луда среќа и чудо, само автогол на Баерн им овозможи да ги поминат Германците пред да станат шампиони во Бари. Зошто? Затоа што играа против Германци. А ние, тогашните Југословени, бевме научени да губиме од нив. И да молчиме. Еј, знаете ли вие кој е Баерн?
Така и ние сфативме дека изгубивме во Ниш зашто во мислите, однапред се имавме предадено. Можеме против сите, но не и против срцето. Кое некогаш го имаме, а често не.
Не сме такви само во спортот. Такви сме биле секогаш низ историјата. Не случајно еден шутрак кој сега е некаков декан ли, ректор ли, а синчето му работи кај Заев, велеше: „Еј знаете ли вие која е Грција?“
И не случајно оној кој го зазеде местото на Иванов еднаш рече: И што треба сега, јас да одам да им кажам на Американците дека ова не важи?
Такви сме во спортот, такви сме во политиката, такви сме во секојдневието, можеби такви сме и во љубовта… Лигави влечуги што првиот пат се продаваат за десет ќебапчиња, кромид и шприцер. За да може потоа некој ним да им се продава за десет ќебапчиња, кромид и шприцер. Патем, ние ли бевме тие кои последни имаа кренато востание на Балканот против Турците? Ние ли бевме тие кои последни направија држава на Балканот и во Европа? Ние ли сме тие кои прво четири ипол децении ги тераа децата да учат за да не работат, а сега не ги тераат дури ни тоа? Но, лекцијата за влечугите секако мора да ја знаат. Уште од мали, зар не?
Еден пријател, директор на една битна државна институција во време на четирите години на Љупчо Георгиевски, велеше: „Во тоа време не можев да се изначудам колку убав и паметен сум станал. А огледалото ми беше исто. Но, одеднаш, багажникот на автомобилот беше постојано полн, одеднаш не можев да кренам глава од покани од бизнисмени, од ручеци, вечери, приеми… Хм, одеднаш и по некоја жена ми се насмевнуваше. Мене? Да, мене! А од канцеларијата не можев да избркам купишта вработени кои водеа сметка да не случајно рамето не ми е доволно сино од тапкање… И потоа дојде 2002-та, јас си заминав и сите тие кои до вчера со подвиткан опаш влегуваа кај мене, одеднаш ги снема.“
Раскажуваше како една година подоцна, во ГТЦ сретнал еден од бизнисмените од кого не можел да крене глава. Радосен што го гледа, го поздравил, а влечугата само студено ја свртел главата. Недостигало уште да му каже: Кој си ти мене да ме поздравуваш?
Истиот тој човек, стана директор и во времето на Грујо. „И сега се случува истото. Но, ако ништо друго, барем знам дека не сум толку убав“, велеше.
И изгледа тоа е сликата за нас. Но, не „изгледа“, туку сосема сигурно, тоа не е сликата за ракометарите, што би рекол нашиот легендарен Заев, „од Вардар“. И затоа тие, вардарци, се шампиони. Вчера напишав, не затоа што „имаат муда, туку затоа што имаат срце“. Затоа што веруваа дека можат, затоа не ја свиткаа кичмата со Барса, затоа што не се уплашија од Веспрем. Затоа што не велеа: „Еј, знаете ли вие…“ Затоа што можеби навистина беа со месеци без плата, затоа што им го презедоа клубот чиј успех тие го создадоа, затоа што половина Македонија го мрзи Стоиле и би го удавила Дибиров, затоа што… Има многу затоа што. Но главното е дека нивното срце никогаш не се откажа. Никогаш. Тргна по тоа што го сака. И на крајта го доби.
А, ние другите? Ние, ќе почекаме. Додека ја најдеме кубурата. Зашто во турско, тие барем ја имале, па ја чувале. Ние и неа сме ја изгубиле. А и што ќе ни е? Зар не е полесно да ја свиткаш кичмата? И да не мрчиш за срце, за неоткажување и такви глупости?