Јованка КЕПЕСКА

Со договорите за добрососедство пристапот кон македонскиот јазик и кон нашиот идентитет во многу аспекти се проблематизираат. Иако, во ерата на науката, крајно е неприфатливо да се постават ограничувања на научното истражување. Со Преспанскиот договор однапред е кажано каков е македонскиот идентитет. И тој се однесува на македонскиот народ кој е на територијата на Република Македонија. Напуштањето на таа патека се квалификува како иредентистичко. Се преоценува на меѓудржавна комисија и станува казниво. Од друга страна научните истражувања на македонскиот јазик и македонскиот историски идентитет, според преговарачката рамка и записникот за владината конференција за преговорите за отпочнување на нашиот пристап кон ЕУ, се крајно ограничувачки. Ставени се на преоценување во извештаи и со претстојните опасности секојпат одново да се случат со оглед на едностраната изјава на Бугарија за македонскиот јазик како бугарски дијалект и поради бугарските историски барања.

Преспанскиот договор воведува во долготраен процес на видоизменувањето на суштината на македонската држава. Наместо, онака како што е очекувано, на политички и државен план , како очекувана развојна форма нејзините институции да го носат идентитетскиот белег и да бидат развоен фактор на македонскиот идентитет. Како што е истоветен случај и со националните кратенки и код.

Бришејќи ги во Уставот нашите клучни историски бедеми, на што наведе Преспанскиот договор,  содржани во програмската основа на првиот и вториот Илинден што се поврзуваат со стремежот да се создаде македонска нација и држава,  веќе ја ревидиравме македонската историја. Додека, сега, од страна на Бугарија, се бара ревизија на севкупниот историски развој на македонскиот народ, од неговите почетоци до поновата историја.

На таков начин се врши огромна редукција на македонското, на македонскиот идентитет. Македонскиот народ е сведен на преднационален стадиум. Се негира неговото право на нација и се остава да егзистира како етничка даденост, во денешно време, кога сите (или најголем дел) етноси ја живеат нацијата и ги создале своите национални држави.

При тоа останува и нејасно како ќе биде наречено, а очигледно е со видоизменет идентитет, македонското малцинство во Грција. Постои опасноста околу промената на  именувањето на Македонците во дијаспората со оглед на промената на името на државата. Дотолку повеќе што со договорите (и со Уставот) станува извесно откажувањето од македонските малцинства во соседството па дури и од Македонците во дијаспората.

Тоа значи дека нема да имаме право да проговориме за нашето автентично постоење и име.

Имено, македонистиката како наука лежи врз етничка територија на македонскиот народ, меѓутоа, со откажувањето од  деловите од македонскиот народ кои се во рамките на соседните држави, и други придружни карактеристики кои им се припишуваат на Македонците од Егејска Македонија,  јасно е дека се проблематизира и научниот приод. Дали тоа ќе се отслика и на картата на македонските дијалекти, како и на граматичките и други основи во изучувувањето на македонскиот јазик? Претстојна задача е да се изврши стандардизација на топонимите што ќе има пречка во нормите од Преспанскиот договор според кои Македонците во Егејска Македонија ја имаат другата етничка основа, но и со непризнавањето на малцинството во Пиринска Македонија. Во СФРЈ постоеше стандардизација за називите на топонимите. Потоа, одново, во поранешните републики на југословенската заедница се изврши накнадна стандардизација,која, исто така, се изврши врз основа на одомаќеноста на нивната употреба. Впрочем, како што продолжително и во македонската практика е случај. Иако, неоправдано, нема извршено стандардизација. Гледам сега се бара да се формира тело за стандардизација кое ќе ја контролира примената на картата на географските имиња.

Со одредбите за топонимите, според Преспанскиот договор, пак, се  негира македонскиот лингвистички став за заштита на називите според пристапот на одомаќеност. Имено, тој принцип се напушта, пледирајќи на првенствената употреба на ендонимите наместо на егзонимите. Што значи дека кај нас ќе влезат во употреба грчките називи и за топонимите за кои ние имаме одомаќени имиња. Ние ќе употребуваме Касторија, Едеса… а тие ќе употребуваат Монастири. Што е нов удар на македонскиот идентитет.

Научниот ангажман на науката за македонскиот јазик и за македонскиот  идентитет за сите нивни аспекти, за да биде вистински, мора да опстои на научната вистина. И како таков е крајно неопходен во вакво турбулентно време за македонскиот народ. Се очекуваат и додатни, ентузијастички напори, впрочем, како и во времето на создавањето на кодификацијата и стандардизацијата на македонскиот јазик и на македонското творештво. Зарем тогаш било полесно?