Воислав ЗАФИРОВСКИ

Република Македонија протера извесен број руски дипломати со официјално образложение дека се бавеле со работи што не се споиви со дипломатските активности (разузнавање).

Сега, претседателот Пендаровски излегува со тврдење дека во Македонија има 36 руски агенти кои ги поттикнуваат и иницираат протестите.

Дали е така?!

Ако Македонија протера дипломати, а има сознанија за уште 36 агенти кои роварат, сигурно и знае кои се тие, со име и презиме, па од тука и прашањето, зошто Македонија не ги протера и нив или зошто ОЈО не покрене обвинение за нивните субверзивни активности?!

Или можеби АНБ или Агенцијата за разузнавање се уште ја немаат напишано службена белешка, што според праксата на македонското обвинителство и судство може да ве држи со месеци во притвор?!

Моите информации велат дека Скопје е претворено во Казабланка од 1943 година.

Во Скопје има преку илјада разузнавачи и сите се со многу високи примања, доаѓаат од држави кои имаат поголема просечна плата од 500 евра и се со повеќе од 1,8 милиони жители, а најбројни се разузнавачите од пријателските САД, ОК, Германија, Франција, Албанија и Бугарија. Добар дел од нив, веќе добро се етаблирани во институциите на државата, во НВО, во разни агенции како консултанти, надворешни советници и кој знае уште каде се не. Истите тие, како и нивните амбасади во Република Македонија притискаат на сите можни начини Македонија да го прифати францускиот предлог, не осврнувајќи се на масовното народно незадоволство затоа што со предлогот само Македонците губат се.
Дополнителен притисок во Македонија прави ЕУ со тоа што не ја одвојува Албанија од Македонја на пристапниот пат, а тоа го прават за да извршат притисок преку албанските партии во Македонија, што е повеќе од евидентно.

Сите тие се апсолутно на линијата на политиката што ја води Македонскиот државен врв.

И покрај тоа, протестите не стивнуваат, напротив се повеќе добиваат на масовност и жестина.

Од тука, претседателот Пендаровски ненамерно, но индиректно ги навредува сите тие силни разузнавачи и Амбасади од пријателските земји, вклучително и белосветските “тешкаши”, наспрам оние 36 наводно Руски разузнавачи, кои со својата субверзивна активност ги поттикнуваат и разгоруваат протестите.

Пендаровски треба да си постави прашање, зошто е толку голем револтот на Македонскиот народ, и покрај “добриот француски предлог”, и покрај добронамерното суфлирање на белосветските авторитети и Амбасадите на пријателските земји, непреченото делување на разузнавачите од пријателските земји и отворената врата на Македонија за “чесен договор” со Бугарија?!

Одговорите на овие прашања јасно ќе му стават до знаење на Пендаровски дека алузијата на инволвираност на разузнавачи од Русија, е само сопствена лага да се каже нешто што во денешниот актуелен миг звучи многу европски, а од друга страна да ги стават под тепих лошите, лошо водените, погрешни и нетранспарентни политики.
Државниот врв води поданички, политики на потчинети, кој за милоста на посилниот, се подготвен на нецивилизациско себе понижување, виткање ‘рбет до без’рбетност, политики со кои се крие вистината од македонските граѓани, дека мора да прифатиме дека до 1944 сме биле бугари, а откако ги победивме и избркавме бугарските фашисти од Македонија, стануваме северномакедонци или неосвестени Бугари…се проблематизира и името Македонија и Македонскиот јазик.
Исто така, Пендаровски треба да си одговори зошто и дел од министрите во владата немаат НАТО безбедносен сертификат; зошто САД не ги прифатија понудените амбасадори, Фрчковски и Арифи и не им издадоа агремани, зошто е тоа така.

Дури ни т.н. тешкаши од ЕУ и широм светот што еднаш лицемерно не прелажаа, ниту илјадниците разузнавачи од пријателските земји со нивните амбасади не се доволни да го смират револтот, бесот и недовербата на граѓаните во нив, ниту пак да ги пресечат активностите на фантомските 36 руски разузнавачи?!

Има нешто што смрди во испоганетиот државен врв, па во Македонија не се дише нормално од нивната смрдеа.

Очигледно Пендаровски самиот себе се лаже или не сака да и погледне на вистината во очи.
Можеби АНБ и Агенцијата за разузнавање стварно го лажат претседателот за да ја покријат својата неспособност и незнаење, нивна очигледна задача е да ги поддржат ставовите на своите партиски шефови и да им дадат “европски аргументи” со кои ќе сеат магла меѓу сопствениот народ, а тој како нивни шеф, беспоговорно им верува.

Во таа насока, дали има некаква релација меѓу АНБ и Агенцијата за разузнавање со ОЈО или службите се над институциите во државата и функционираат како од времето на државниот етатизам?!

Сепак, не може или барем не е пристојно претседател на држава да открива сензитивни информации, а службите кои директно нему му одговараат да немаат преземено мерки барем за неутрализирање на субверзивните делувања и за тоа да не ја извести јавноста. На овој начин ја бламира службата која нему директно му е подредена.

Сепак во едно сум сигурен – неспорно е, има инфилтрирани и агенти од руското разузнавање, но не во број во кој тврди Пендаровски, тие само будно ја следат состојбата, можеби навиваат за народот, но се притаени и никој од нив не смее да направи грешка во чекори, затоа што последиците по нив, но и по Руската Федерација ќе бидат многу сериозни.

Да заклучам, претседателот Пендаровски, не смее за такви сензитивни прашања да дава произволни и неаргументирани изјави, со кои го руши и така разнишаниот углед на безбедносниот систем во Македонија.