Се изненадив, просто се шокирав кога слушнав дека премиерот Ципрас се закани дека Грција ќе ја блокира Македонија ако договорот од Преспа не помине кај нас! Зошто грчкиот премиер Ципраз е толку загрижен дали спомнатиот договор ќе помине или не во нашиот парламент? Нели треба да се грижи истиот тој договор да биде ратификуван во грчкиот парламент? Дали јас сум неук или недоволно ги разбирам демократските процеси, но годините кои ги имам ми кажуват дека право на секој народ е да прифати еден договор или да не го прифати. Се случи референдум, по гласањето ДИК дотичниот демократски настан го означи како неуспешен, и со тоа е ставен крај на договорот од Преспа.

Ципрас го сметав за разумен човек и наклонет кон цивилизациските процеси кои се случуват во неговата земја, па и пошироко, на Балканот, Европа и светов. Од каде сега му текна да се заканува со блокади? Таквите изјави ми заликуват на уцени кои се совпаѓат со искажувањата на некои домашни загрижени личности кои не заплашуват дека ако не го прифатиме договорот во Собранието ќе бидеме изолирани од цел свет. Аман бре луѓе зарем мислите дека целиот свет е наклонет кон угнетување и примена на недемократски методи? Оптимист сум, сметам дека во светот постојат и прогресивни сили и движења кои го движат светот кон посветла иднина. Заев за некои грчки ТВ канали изјави дека на овие простори треба да завладеат спокојот и добрососедството. Човекот се убедува себе си, како допрва да ја открива Америка. Море Зоране Заев, сите сме за спокој и да владеат добрите намери, ама обострано. Не може основното човеково право за самоопределување да важи за едни, за други да не важи, каква е таа прогресивна состојба ако некому се наметнуваат неприфатливи решенија, како промена на име на државата, а со тоа и промена на идентитетот, ако условот е да се обезличиме, а потоа да не примат во ЕУ и НАТО.

Заев е цврсто убеден, барем така кажува, дека  со договорот од Преспа  се гарантира името на државата Македонија, дека ние сме Македонци, никако да спомене северно Македонци, и дека договорот ни ги гарантира идентитетот и јазикот. Со вакви непристојни изјави како оваа на Ципрас, овој договор од Преспа почнува се повеќе да мириса, да добива непријатна арома која не принудува да си го притиснеме носот со два прста. Има ли некој умен човек да ни каже кој договор може да признае и гарантира идентитет, култура, традиција или јазик? Таков договор не постоел, не постои, ниту ќе постои – договор во  кој со два потписа на министри за надворешни работи ќе почне да се признава идентитет, јазик и култура. Таквите историски вредности ги создава и носи самиот народ, никако петпарачки договори каков што е овој потпишан во Преспа. Токму затоа Заев дава вакви ветувања, токму затоа и Ципрас се заканува со блокади ако договорот од Преспа не помине, бидејки и двајцата добро знаат дека оваа параспура од договор не може да гарантира ништо, најмалку идентитет, јазик и култура. Утре во Грција ќе дојде друга власт која мазно договорот ќе го фрли во корпа за отпадоци.

Во таков случај, знаат ли Заев, Димитров и Шекеринска што ќе се случи со нашиот идентитет и јазик? Од сите тројца споменати повеќе сакам да бидеме во ЕУ, но не како осакатен народ. Древно народно предание вели: Ситни измамници, решиле да го ограбат националниот сеф, каде се чуваат историските вредности како култура, традиција, име, идентитет и се што претставува историски и творечки амблем на еден народ, градени и чувани со столетија. Со намера да ја задоволат сопствената алчност, понесоа големи вреќи,  почнаа да ги полнат со се што ќе им дојдеше при рака од историската  и културна оставштина, се расфрлаа со јазик, со традиција, со песни и библиски записи, не размислувајки дека таквите вредности имат своја тежина.  Кога се собраа, при обидот да го подигнат товарот, се уверија дека сето тоа не можат да го поместат, камоли да да го изнесат надвор и го расфрлат по туѓи дворови. Останаа да стојат покрај древните вредности како заробеници на сопствената глупост и алчност за власт.

Политичките состојби низ кои минува нашава држава заликуваат на вакво нешто. Секој кој се решил на вакви чекори, треба да биде свесен кога тогаш ќе се појави во улога на вечен губитник, бидејќи идентитетот на еден народ, јазикот и историските вредности имаат своја тежина и тие не се заштитуват со договор, макар тој бил од светски размери. Во историјата се имаат потпишано купишта договори кои потоа се фрлени во заборавот. Таквите договори многу ветувале, ништо не заштитиле!