Илија Мајсторов
Деновиве постојано ми ја откраднува мислата фактот што е тоа во човекот и човечката природа да се присвои нешто туѓо, нешто што објективно не му припаѓа!? И притоа да се залажува, (како другите, така и себе!) – до бескрај! Зашто, вистината не е капка вода на дланка, што веднаш можеш да ја истриеш, да ја тргнеш од себе… Како да не постоела! Вистината не е ниту лимон, го исцедуваш и… „БАП“ – право в корпа!Токму онака, како партиски војници за време на избори, само не дај Боже, да не се фрлаат туку-така, ами, претпоставувам, се спуштаат полека или нежно ги лизгаат наудолу.
Актуелната состојба со соседите ме турка во размисла дека се надминати сите дури и најекстремните и најгрди предвидувања. Предвидувања за должината на периодот за атак на невистини врз Македонците кои, пак, од самостојноста ја сонуваат ЕУ. Нападите и „ризницата од бисери“ исфрлени небаре се од разговори во кафеански седенки, таму каде што алкохолот го потпомага романтичниот занес или поточно кулминација на занесот кој говори за старите фашистички времиња. Каде се чуло и видело со воскликот „УРААА!“ да се прославува анексија врз Македонија!? Освен во „нашата земја“, како што ја именува Мудриот од Муртино и оние околу него. Зарем фашизмот и фашизоидноста само во „неговата земја“ имаат некоја своја посебна генетика?!
Во битката за гласови пред својот електорат во комшилукот наш, со главата в песок, премиерот Бојко Борисов и неговата дружина, упорно го бараат патот за подобар рејтинг кај гласачите дури и таму каде што го нема. Притоа ја вознемирија сета ЕВРОПСКА јавност многу повеќе од вознемирувањето на политичарите .А во структурите на НАТО, поточно во југоисточното крило, токму кај политичарите, внесуваат големо разочарување.
Во вакви околности се наметнува и размислата на г. Шамаер дека „Каракачанов работи на штета на ЕУ и й го трасира патот на Македонија кон Евро-азиската унија, каде што прегратките на Русија, според мене, се широко отворени…“ Под претпоставка ако навистина „крвта не е вода“, кој знае!? А дали владеачката гарнитура на чело со премиерот, оној, Мудриот од Муртино, кумува на оваа ситуација? И тоа, (по навика!),со отстапки и по која било цена, без утврдени критериуми, ноншалантно и кампањски, само да му се удоволи на соговорникот што е, за несреќа, огледало на денешната стварност. Тоа е ќорсокак. Ќорсокак во кој се (из)губи името, идентитетот, (Македонците станаа, само обични граѓани, во својата држава), традициите, се запечатуваат грабнатите територии, а со тоа и судбината на сите оние што останале од другата страна на границата, надвор од матичната држава.
Безизлез, во кој, одлично се вклопува во ритмот напред–назад, токму тој, Мудриот од Муртино, а алчноста на соседите се потврдува уште еднаш и тоа по којзнае кој пат. А последен „бисер“, претпоставувам, ќе биде – „нема македонско малцинство во Бугарија!?“ Се разбира, пак во режија на Мудриот од Муртино. Ќе го снема, (не дај Боже!) и предметот Историја во наставата, ќе испари како Витон-торба, како марихуана од складови, како злосторници кои „избегале“ од затворите…
Но, сепак, ќе останат забеганите во политиката, со краткорочни, изнудени решенија, властодршците, оние, ШАРЕНИТЕ, што дојдоа преку „револуција“, донесувајќи немир што боли и корне душа, што сече до коска. А како очекуваме да биде!? Како… Па, така, и по толку време од бунтот на „шарените“ под палката на Мудриот од Муртино, сѐ уште немаме долгорочна стратегија. Ниту краткорочна тактика.Туркаме „напред“ само со дневниот набој на страст за ЕУ, небаре веднаш ќе се стопи и ќе го снема старото, (читај, сиромаштијата) и ќе живееме нов, безгранично лагоден живот. А тоа е таман плодна почва за драгите ни соседи и ЕУ, која, кога најмалку треба, се престројува, но… токму на погрешниот колосек.
Настрана од соседите, токму наши сопствени сили, на сопствен терен, се погрижија да се доживее фијаско со „мудроста“ на Мудриот од Муртино. Кај нас нација – држава веќе не постои, а некој си швајцарско-шверцерски модел, почнува тихо, кроце по кроце,да се втемелува во системот, да го грицка и разнебитува. Браво, за Мудриот од Муртино! Така, „мошне умешно“ ни дојде двојазичноста, најнапред преку локалната самоуправа, (таму требаше и да си остане!), а сега веќе ни ја има секаде, ама баш секаде! И едно благодарам, наводно, им е тешко да изговорат на МАКЕДОНСКИ господата парламентарци од албанска националност, (со чесни исклучоци), а, сепак, сакаат да бидат први во парламентот. Сепак, има и прв меѓу еднаквите.И токму тој, првиот, што ја преставува државата, пред надворешните политичари и дипломати, не зборува македонски во Парламентот!
Не сум сигурен дали се задоволни од застапеноста на нивниот национ во владините тела и оние од вториот, директорскиот ешалон од власта, можеби ќе треба, уште некое раководно место за нив. Ќе им најде Мудриот од Муртино. И додека едни, (оние, загубените), се кочоперат пред јавноста, македонски чеда – родољуби, уставобранители, на пример, (каква иронија на судбината!) како Јане Ченто, гнијат за чесното човекољубие, што во критичниот час беше восклик од нивната возвишена патриотска душа. Какво разочарување за чедата на Македонија! Пак под жезлото на Мудриот од Муртино.
Напати, си мислам, во државава има само два народа .А можеби и еден, албанскиот. Ако ова, второто, е точно, ќе ни треба и втор Охридски договор! Овојпат за заштита на Македонците. Можеби само така ќе се справиме со
незгодите од типот: „Ќе се пишам Албанец за да се вработам! И притоа со години ќе си седам дома и ќе си земам плата!?“ Привилегии за кои човештвото на земјината топка, барем најмалку за последните 100 години – не памти.
Исто така, треба да се подвлече, на извесен број од оние 44% Албанци во Владата, заменици министри и вториот ешалон, односно директорите, полесно им е да комуницираат со туѓи јазици отколку со јазикот на сопствената држава.
Разнебитени однатре и уште „ветирани“ однадвор од „братскиот ни сосед“ Бугарија, го чекаме подоброто утре. Можеби со новата 2021 година. Ако успехот е резултат на остварени прилики, тогаш тие, односно оваа Влада на чело со Мудриот од Муртино, тоа не го реализира, ни грам не го исполни. Напротив. Оттука, во принцип, оние што не се реализирале – ја пропуштиле приликата. А нова шанса во политиката се добива со НОВИ ИЗБОРИ. Ама да бидат чесни, без местење и поткуп, без закани и уцени. Колку само ветувања и надежи побуди при изборот актуелниот премиер – Мудриот од Муртино! Што дека кога народот ништо, ама баш ништо не виде од тоа!?
Поетот Хорацие, (уште во 30 години прд н.е.), рекол: „Среќник е оној кој денешницата ја нарекува своја и не се плаши од злото што го носи иднината, знаејќи дека денешницата ќе си ја живее спокојно.“ Дали си среќен НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ?
(Авторот е дипломиран економист)