Коле МАНЕВ

Нашиов датум за почеток на преговорите со ЕУ стана историска легенда. Ако не ти е јасно зошто не можеме да добиеме датум или рамка со ЕУ, ќе се обидам да ти објаснам, се разбира на мој начин.

Ајде да почнеме од лажните ветувања од страна на Заев, Димитров, Османи, кои пред две или три години, уште во авионот, на половина пат од Брисел до Скопје не уверуваа дека сме добиле датум за почеток на преговори. Се виде дека тоа беа лажги со опашки. Тогаш Макрон бил виновен, сега се Борисов, Каракачанов и Захариева. Бугарските власти си го бараат тоа што им треба и што го добиваат, ама јас мислам дека причината за тоа што нашиот славен датум за почеток на преговорите така долго се развлекува е и во нешто друго.

Да замислиме дека еден ден ќе добиеме датум и еден друг ден ќе станеме членка на ЕУ. Да претпоставиме дека тој ден на власт во Македонија (скраја да е) ќе бидат овие истиве кои со години не лажат и од државава направија „але за добиток“. Знаеш што е „але“, нели?

Повторно да замислиме дека во тој иден ден на Заев ќе му текне на умот, на пример, дека за време Втората светска војна, тие од нацистичка Германија не биле фашисти туку секаде каде оделе низ Европа го правеле тоа од хуманитарни причини, Евреите што ги собирале и ги носеле во конц-логори било исто од такви причини. Според логиката на Заев нацистите во Франција дошле како администратори,  па така ќе излезе отпорот кој го водел Де Гол го правел за забава за да си го исполни времето.

Е сега повторно во такви иреални услови, нели Македонија членка во ЕУ, замисли ја Царовска да предложи во ЕУ нов закон за образование и посака да ги измени учебниците од членките во ЕУ и во нив по ред избрише важни имиња од историјата на Франција, Холандија, Финска, Шпанија, Чешка или Словачка за да му се умилкува на Заев и додворува на некоја трета земја. Може и Пендаровски да се уфрли во играта и спомене дека Венсангеторикс, кој се борел против Цезар   ти бил и Француз и Римјанин, вусшност правел како ќе му текне…! Денес Французин, утре Римјанин, задутре зошто не и Шпанец? Според Заев  и Царовска, Француската револуција можно е да била заедничка историја на сите членки од ЕУ?

Во такво едно идилично време може нашата власт да направи комисија на ниво на ЕК, која ќе расправа за Наполеон кој е роден во Корзика ама се борел во името на Франција. За Јованка од Орлеан да не зборуваме. Може овие нашиве распродавачи да речат дека е историска личност од Бретања ама подеднакво и припаѓа и на Велика Британија. Среќа за Јованка што Обединетото Кралство излезе од ЕУ и Франција може да биде спокојна во однос на историските настани поврзани за храбрата девојка Жан де Орлеан.

Како научна фантастика, замисли го Бујар Османи, се шета низ Брисел се чуди и потпрашува зошто во метрополата на ЕУ нема табли на албански јазик? Повторно како етничка фантастика Артан Груби во рамките на ЕУ, да  побара идниот роденден на Ахмети се прослави не било каде туку, во Версај, оти со Груби нема лабаво! Како замислена членка на ЕУ може да побараме што ќе посакаме, ако Луј 16 можел да прави оргии во Версај зошто да не може и Груби да го велича роденденот на својот лидер во Версај или во Рамбуе? Ако споменеме попис каков што ова власт сака да скрои дома кај нас и побара на ист начин се спроведува и во државите членки  на ЕУ, ниту една од нив нема да знае каде и е главата, а каде задниот дел од телото.

Како капак на македонското тенџере во кое не варат овие од власта со сите нивни будалаштини и небулози, ќе биде предлогот на Заев кој сака да не убеди дека Македонија ќе пркне ако секое семејство си посади по три дрвца марихуана. Така ќе бидеме радосни и среќни. Во такви ,,блескави“ услови ако како замислена членка на ЕУ ја активираме и нашата тешка правна артилерија, предводена од Русковска, Катица, Кацарска и Фатиме, во ЕУ ќе се случи правно цунами.

Ама овие од ЕУ, за нивна среќа донекаде и наша, ниту се будали, уште помалку наивни, добро знаат со кого си имаат работа. Оти ако со ова власт не примат во ЕУ, за помалку од година дена ќе ја демолираме, пуздер ќе ја направиме. Идеите на Шуман ќе се срушат како кула од карти.

Ќе ти кажам и една пикантерија. Знаеш зошто Меркел еден период се тресеше во Берлин, во Париз и во Брисел? Се тресеше зошто кога беше кај нас пред да се случи референдумот ни посочи: Ако го смените името, ќе ве примиме во ЕУ. Ама после Меркел се сецна и се најде во небрано. Се сецна зошто и таа знае дека власт која си ја распарчува сопствената држава, ако стане членка на ЕУ, способна е да ја разнебити и самата Унија.

Токму затоа, со оваа власт на  Заев, придружен од личности како Царовска, тешко дека ќе добиеме датум за преговори. Сега Бугарија не попречи, утре повторно ќе се јави Грција, во догледно време некоја трега земја. А овие нашиве трупци од политичари, се вртат на разни функции како да се наоѓат на рингишпил, за чудо се уште убедени дека што повеќе си ја разнебитуват сопствената држава толку повеќе ќе имаме шанси да влеземе во ЕУ! Оди и мери им го умот! Не можат да разберат дека што повеќе ја браниш сопствената држава од историски, културен и секаков друг аспект, толку повеќе ќе те почитуват и ценат другите од надвор. Ама кому да кажеш!?

Овој разговор го направивме со мој пријател, со кого поради  корона вирусот одамна не сме се виделе, па мислењата ги споделивме  преку он-лајн.